Киличдароглу ги повика младите да го поддржат во вториот круг од изборите

од Stefanija Kuzmanovska

Ривалот на Реџеп Таип Ердоган на претседателските избори во Турција, Кемал Киличдароглу, во вторникот им се обрати на младите и ги повика да гласаат за него во вториот круг од изборите на 28 мај, за долгорочното владеење на неговиот ривал да не влезе во третата деценија.

Во првиот круг, актуелниот претседател освои 49,5 отсто од гласовите, а Киличдароглу, кандидатот на шестпартиската опозициска алијанса освои 45 отсто од гласовите.

На трето место е изненадувањето на изборите, националистичкиот кандидат Синан Оган со 5,2 отсто, а потоа Мухарем Инџе кој се повлече од трката, но предоцна, и сепак доби 0,43 отсто од гласовите.

Бидејќи ниту еден кандидат не освои над 50 отсто од гласовите, вториот круг од изборите, прв во турската историја, ќе се одржи на 28 мај.

Во меѓувреме, 74-годишниот Киличдароглу се обидува да ја прошири својата гласачка база за да добие клучна поддршка во вториот круг.

„Порака која повикува на промени излезе од гласачките кутии. Оние кои сакаат да видат промени во оваа земја се повеќе од оние што не сакаат“, напиша Киличдароглу во серијата твитови упатени до „драгите млади луѓе“.

Киличдароглу им се обрати на младите и се осврна на нивните финансиски проблеми, особено во контекст на кризата со трошоците за живот која дополнително се продлабочи со инсистирањето на Ердоган да ги намали каматните стапки, што предизвика пад на лирата и пораст на инфлацијата.

„Немаш доволно пари за ништо. Радоста на животот ти е одземена, додека младоста треба да се ослободи од грижи. Младоста нема да можеш да ја вратиш. Имаме 12 дена да излеземе од тој темен тунел“, додаде Киличдароглу.

Од друга страна, на парламентарните избори одржани истовремено со претседателските избори, Партијата на правдата и развојот (АКП) на Ердоган и нејзините исламистички партнери освоија 322 од 600 места во парламентот и обезбедија мнозинство што ќе му овозможи на Ердоган да тврди дека гласањето за него значи стабилност на земјата.

Гласачите на Оган ќе бидат клучни за изборот на новиот претседател. Тој е поранешен член на националистичката МХП, денес сојузник со партијата на Ердоган АКП.

Тој ја напушти МХП токму поради несогласувањето со поддршката на партијата за турскиот претседател по изборите во 2015 година, но неговите националистички пораки и повици за турска геополитичка независност се сметаат за поблиски до Ердоган отколку до прозападните политики на Киличдароглу, Курдите и припадници на верското исламско малцинство Алевити.

Киличдароглу ветува оживување на демократијата, враќање на економските политики на слободниот пазар, зајакнување на институциите и обновување на врските со Западот.

Слични содржини