Ќе има летови за Нова година, штрајкот на контролорите ставен во мирување

од Nikola Popovski

Струковиот Синдикат на контролорите на летање денеска одлучи да го откаже најавениот штрајк на контролорите за 25-ти и 31-ви декември. Како што кажа Едмонд Каличи од овој синдикат, штрајкот е во мирување поради две причини.

-Едната е да се види начинот на селекција на вработување на овој конкурс. Другата причина е каде што имаме осум студенти контролори, на кои што се уште не им е продолжен договорот. Третата причина е дека имаме полно луѓе што живеат во странство и туристи кои што сакаат да ја посетат земјава. За понатаму ќе видиме како ќе се реализира ситуацијата околу контролорите на летаање, осумте студенти и процесот на вработување на кандидатите на конкурсот, рече претставникот во изјава за медиумите.

Претседателот на ССК, Александар Тасевски изјави дека ќе го следат конкурсот и ќе бидат дел од самата селекција. Ќе ги набљудуваат постапките на селекција и дали ќе има неправилности.

-Главната болка ни се кадрите кои што се примаат без никакви селекции, туку врз основа на поднесена документација. Нема тестирање, нема привремени рокови за обука и проверка на нивното работно место, кажа денес Тасевски.

На средбата пред два дена, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски побара од Синдикатот да не ја спроведуваат одлуката за прекин со работа од причина како што објасни министерот, административните постапки во М-НАВ не смеат да влијаат во професионалноста на Друштвото во насока на нормалното одвивање на ависообраќајот во земјава.

Ова следуваше како реакција на објавени огласи за вработувања во М-НАВ, со критериуми, според Тасевски, спротивни на постигнатата спогодба со менаџментот од октомври годинава.

Слични содржини