По обвиненијата што Специјалното јавно обвинителство денеска ги поднесе во Кривичниот суд ќе одлучуваат судии кои веќе судат предмети на СЈО, како и нивни колеги кои работеле или сè уште работат на големи случаи, како „Монструм“, „Сопот“ и „Диво Насеље“.
Како што информираше Кривичниот суд, случаите „Тарифа“, „ТНТ“ и „Траекторија“ се распределени кај судијките Лидија Петровска и Татјана Михајлова.
Лидија Петровска, која во јавноста е позната како „сваровски-судијката“, според еден разговор од т.н. „бомби“ што ги објави СДСМ, го суди случајот на СЈО „Тврдина 2“, во кој првообвинет е поранешниот началник на петтата управа, Горан Грујовски. Нејзе ѝ се падна да го суди и предметот „Транспортер“, во кој првообвинет е градоначалникот на Битола, Владимир Талески. СЈО во февруари оваа година до Советот за утврдување на факти поднесе претставка против Петровска заради нестручно и несовесно вршење на судската функција, а во септември минатата година бараше и нејзино изземање од случајот „Тврдина 2“.
Татјана Михајлова го суди случајот за насилствата пред Општина Центар од јуни 2013 година, во јавноста познат како „Шамари“, во кој обвинети се лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, поранешниот министер за транспрот и врски, Миле Јанакиески, и пратеничката Даниела Рангелова. Михајлова на едно од рочиштата ги казни Фетаи и специјалната обвинителка Катица Јанева по 2.000 евра, поради неопочитување на судот. СЈО, пак, до Советот за утврдување факти и покренување одговорност за судија, поднесе претставки против Михајлова поради нестручно и несовесно вршење на судската функција.
Моника Бахчованска, која треба да ги оценува обвиненијата за предметите „Тотал“, „Тревник“, „Тифани“, „Титаник“ и „Тортура“, го судеше случајот за кражбата на артефакти од Музејот на Македонија, во кој на седумтемина обвинети им пресуди високи казни, од вкупно 30 години затвор.
Горан Бошевски, од одделението за организиран криминал, кај кого се обвиненијата за случаите „Трезор “ и „ Тенк“, минатата година беше назначен за нов судија за случајот „Сопот“. Инаку, овој случај подолг период го бара Специјалното јавно обвинителство, но Советот на јавни обвинителни сè уште не одлучил дали ќе му го предаде.
Верка Петковска, која го доби обвинението за „Титаник 2“, во моментов го суди случајот „Диво Насеље“, за настаните во Куманово од 9 и 10 мај 2015 година.
Ленка Давитковска, кај која е распределен предметот „Топлик“, е судија во случајот против новинарот и сопственик на порталот „Буревесник“, Зоран Божиновски, обвинет за шпионажа, уцена и за изнуда.
Ивица Стефановски од 2013 година до декември минатата година му беше заменик на тогашниот претседател на Основниот суд Скопје 1, Владимир Панчевски. Стефановски го судеше случајот „Монструм“, во кој шесттемина обвинети беа осудени на доживотни затворски казни за петкратното убиство кај Смиљковско Езеро./meta