Кој е фаворит на претседателските избори: „Профилот на сите кандидати е далеку подобар од оние за парламентарните – квантитетот ќе го разводни квалитетот, а со тоа и потенцијалните изненадувања“

од Nikola Popovski

Почна предизборието. 13 кандидати за шеф на државата веќе одлучуваат како понтаму. Против шефот на државата Стево Пендаровски ќе трчаат Гордана Силјановска-Давкова, Бујар Османи, Билјана Ванковска, Арбен Таравари, Стевчо Јакимовски и Максим Димитриевски. И додека дел од нив ги собираат потребните потписи, партиите со спротивставени ставови како треба да се гласа за шеф на државата во иднина. ДУИ очекува поддршка од македонските партии за нивната идеја, претседател на државата да се бира во законодавниот дом со двотретинско мнозинство и со Бадентер. Од партијата на Али Ахмети побараа еднаквоста да не се толкува како уцена.

Дали предлогот е прифатлив само за ДУИ? 

Двете најголеми македонски партии сметаат дека шефот на државата треба да се избира од граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ под уцени ниту разговара, ниту преговара, а најмалку пак прифаќа, одговорија од партијата. Според нив, било очекувано ДУИ да излезат со, како што велат, национал-романтичарски барања. И СДСМ е на ставот, шефот на државата да се избира на непосредни избори, а не во Собранието. Според нив, изборниот модел не треба да се менува.

Иницијаторот на „Движењето за нова република“ и поранешен пратеник Ивон Величковски смета дека тоа не е предлог само на „албанските“ партии. Истакнува дека за посреден избор на претседател во Собрание, се залага од 2013 година, а и од формирањето на Движењето за нова република.

Според него, посредниот избор на претседател е соодветен за споделената извршна власт во нашата парламентарна демократија, особено што и покрај непосредниот избор, постојните овластувања одговараат на претседател избран од Собранието.

-Актуелниот модел е избран по ликот на првиот претседател, Глигоров. Но споредете, тој беше повлијателен во првиот мандат (избран во првото плурално Собрание со 2/3 мнозинство) отколку во вториот. Површно е толкувањето дека посредниот избор на претседател ни е потребен само за одразување на мултиетничноста. За илустрација, нациите на Албанија, Грција и Косово се над 90% етнички хомогени, а претседателите на нивните републики сепак се избираат во – парламент. Моделот на избор и ингеренциите на претседателот е втемелен во преплетот на политичката и уставната историја на државата со односот на општеството кон парламентарната демократија, посочува Величковски.

Додава дека пристапот кон непосредниот избор на претседател ни се темели на две предрасуди форсирани од југо-скопската „јавност“:

-Со конститутивноста на Македонците во сопствената држава оваа функција припаѓа на Македонец, а секое поинакво решение ги загрозува Македонците и унитарноста”. Исто се тврдеше и за функциите претседател на Собранието и премиер, а Македонците се исто Македонци и државата е исто унитарна и со немакедонец на чело на Владата и на чело на Собранието.

-Непосредно избраниот претседател на Републиката може да тропне на маса”. Претседатели кои решаваа проблеми беа Глигоров и Трајковски – низ дијалог и низ институциите, а не со “тропање на масата”. Овие предрасуди служат за одржување на духот на авторитаризам и шовинизам во општеството, објаснува Величковски.

Кој кандидат колкави шанси има? 

Актуелниот претседател Стево Пендаровски, претендент на СДСМ за уште еден мандат. На конгресот на 3-ти март и официјално треба да биде потврдена номинацијата. Се очекува и Пендаровски да собира потписи и покрај поддршката од пратеничката група. Вакво нешто најави и кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова. Потврда на кандидатурата, треба да се случи на конвенцијата идната сабота. Социјалдемократите велат дека Пендаровски во претседателката трка влегува како фаворит со поддршка од сите етнички заедници.

Според политичкиот аналитичар, Иво Ранѓеловиќ, првенствено е здраво за демократијата во оваа држава што гласачо ќе располага со голем избор на кандидати, барем формално. Оценува дека фер е да се дадат еднакви шанси на сите, иако сметам дека најголеми шанси имаат кандидатите поддржани од двете најголеми партии, Пендаровски и Силјановска. Генерално, профилот на сите кандидати е далеку подобар од оние за парламентарните избори.

Иво Ранѓеловиќ

-Портретот на гласачкиот систем и структура во Македонија тешко може да дозволи Албанец претседател и тоа партиите од албанскиот блок многу добро го знаат. Затоа сметам дека двајцата кандидати, Таравари и Османи, се проформа на безсуштинска трка, односно партиски не повеќе од партиски докажувања во блокот, вели Ранѓеловиќ во разговор за „Локално“.

Околу шансите на Пендаровски на овие избори, вели дека многу е тешко да го цените сработеното на институција која нема примарна моќ во политиката, како што е претседател.

-Овојпат, бранот на смена на власта е во полза на ВМРО-ДПМНЕ, па така поддршката од СДСМ кон Пендаровски ќе биде од релативна важност, да не кажам ризична. Сепак, доколку оди во вториот круг, Пендаровски ќе мора да обезбеди поширока гласачка поддршка покрај очекуваната од албанскиот блок, потенцира соговорникот.

Најголемата предност на Силјановска, додава Ранѓеловиќ, на страна нејзините квалитети, е поддршката од партија која е во пол-позиција да победи на парламентарните избори.

-Ако се земе предвид дека претседстелските и парламентарните избори ќе биде де факто заеднички, тешко може да се очекува гласач за ВМРО да не даде поддршка и за Силјановска. Шансата во потенцијалниот втор круг Силјановска треба да ја бара во гласачкото тело на сите испаднати кандидати, кои генерално гаат анти-владини симпатии, оценува аналитичарот.

Според него, обемот на кандидати го стеснува просторот за изненадувања.

-Има квалитетни кандидати кои заслужуваат да бидат изненадување, но квантитетот ќе го разводни квалитетот, а со тоа и потенцијалните изненадувања, заклучува Ранѓеловиќ.

Кандидатот за претседател треба да собере 10.000 потписи од запишаните избирачи во Избирачкиот список, а доколку го предложиле пратениците, тогаш потребно е да се соберат најмалку 30 потписи од пратениците. Постапката за собирање потписи почна на 23 февруари и ќе трае непрекинато секој ден од 8 до 20 часот, а последниот ден на 8 март ќе работат до 24 часот. Собирањето потписи се одвива во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК сместени во седиштата на 34 локални самоуправи и пред надлежните нотари. Претседателските избори се закажани за 24 април, а вториот круг е на 8 мај кога треба да се одржат и парламентарните избори.

Н.П.

Слични содржини