КОЈ ГО ЛЕЧИ АМЕРИКАНСКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ: На Трамп му препиша контроверзен лек, практикува алтернативна медицина

од Vladimir Zorba

Уште откако беше објавено дека американскиот претседател Доналд Трамп бил позитивен на тест за коронавирусот рано наутро во петокот, претходно слабо познатиот лекар од Белата куќа одеднаш стана клучен извор на информации за неговата здравствена состојба.

Д-р Шон Конли беше тој што испрати изјава со која се потврдува „твитот“ на Трамп дека тој и првата дама на САД, Меланија, се позитивни на вирусот.

Конли им се обрати на новинарите во саботата пред воената болница „Валтер Рид“ во Бетесда, Мериленд, каде што беше примен Трамп ден претходно, за да ги увери дека состојбата на претседателот се подобрува. Но, тој наместо тоа испрати серија спротивставени пораки.

Конли не одговори директно на прашањето дали претседателот добил кислород,

„Вчера и денес тој не беше на кислород“, рече тој во саботата.

Исто така изјави дека поминале 72 часа од дијагностицирањето на Трамп, што значи дека претседателот – ако се земе буквално – бил позитивенна корона во средата, а не во четвртокот, како што беше претходно најавено. Конли брзо се поправи и рече дека мислел на три дена, а не на 72 часа и дека дијагнозата е утврдена во четвртокот вечерта.

Шон Конли, командант на американската морнарица, е доктор на Трамп од 2018 година, пишува Npr.org. Конли ја презеде улогата од д-р Рони Џексон откако беше номиниран за министер за ветерани (Џексон подоцна се повлече поради обвинувањата дека се однесувал несоодветно на работа).

Минатата година, д-р Конли го надгледуваше редовното систематско испитување на американскиот претседател и објави дека Трамп е „во многу добра општа здравствена состојба“.

Откако Трамп вечераше со Жаир Болсонар во март, членовите на администрацијата на бразилскиот претседател наскоро беа позитивни на коронавирусот, вклучувајќи и еден што присуствуваше на вечерата. Конли тогаш јавно објави дека Трамп има мал ризик од инфекција поради ограничен контакт со болните лица што се случило „пред да се појават какви било симптоми“.

Болсонаро во јули објави дека има корона.

Можеби најзначајната беше одлуката на Конли во мај да му го препише на Трамп лекот хидроксихлорокин како превенција од коронавирусот. Конли рече дека имал повеќе разговори со американскиот претседател за ризиците и потенцијалните придобивки од тој лек.

Една студија објавена во „The New England Journal of Medicine“ во јуни откри дека овој лек не штити од инфекцијата, потсетува Npr.org. Светската здравствена организација, исто така, престана да го тестира овој лек откако се докажа дека не ја намалува смртноста на короната.

За разлика од неговите претходници, Конли ја нема академската титула за општа, туку за остеопатската медицина, што е „најкомплетната интегративна медицина било во дијагностичка,било во терапевтска смисла“.

Остеопатијата е вид на алтернативна медицина. Таа го гледа пациентот како целина, затоа има холистички пристап со фокус на улогата на животниот стил и факторите на животната средина, според Американското остеопатско здружение (АОА). Лекарите од оваа област се целосно лиценцирани. Во мај 2018 година, АОА преку објава истакна дека Конли може да биде првиот доктор по остеопатска медицина што служел како лекар на претседателот.

Конли дипломирал на Колеџот за остеопатска медицина во Филаделфија во 2006 година, а според податоците на порталот LinkedIn, тој служел како лекар за брза помош за американската морнарица од 2006 година.

Роден во Дојстаун, Пенсилванија, Конли беше практикант, а подоцна работеше како лекар за итни случаи во Навалниот медицински центар во Портсмут, Вирџинија, а исто така стажирал и во Поморскиот воздухопловен медицински институт Пенсакола во Флорида.

Дипломирал и на Универзитетот во Нотр Дам во 2002 година и има освоено повеќе награди од областа на здравството, вклучувајќи ја и наградата за Избор на пациентите.

Конли исто така работел како директор на одделот за траума во болницата на НАТО во Кандахар во Авагнистан во 2014 година. Таму, неговиот тим доби признание од романската влада за лекување на некои свои војници.

Тој и неговата сопруга Кристина имаат три деца.

Слични содржини