Комисијата одлучува: Ќе бидеме ли слободни, или пак со полициски час?

од Берта Китинска
239 прегледи

Комисијата за заразни болести денеска ќе одржи состанок на кој ќе се одлучува дали повторно во земјава ќе биде воведен полициски час или ќе се пристапува поригорозно кон веќе донесените мерки, како носење заштитина маска, држење растојание од два метри и негрупирање, со цел спречување на ширењето на вирусот КОВИД-19. По одлуката на Комисијата ќе биде поднесен предлог до Владата, којашто ќе ја донесе конечната одлука.

Откако минатата недела беа регистрирани поголем број заразени со вирусот, Владата донесе одлука сите општини во град Скопје, околните скопски општини Арачиново, Зелениково, Илинден, Петровец и Студеничани, во Куманово, Липково, Штип, Карбинци, Тетово, како и Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце, каде беа регистрирани најголем број позитивни случаи на коронавирус, да бидат ставени во целосен карантин од петокот до изутрината до 5:00 часот, додека во останатите градови беше воведен полициски час што започнуваше во 16:00 часот. На територијата на цела земја беше воведен забрана за посета на гробиштата.

Пред почетокот на полицискиот час во Скопје, многу жители од градот заминаа на туристичките места во земјава, каде беа воведени поблаги рестриции. Поради тоа граѓаните упатија бурни реакции на социјалните мрежи во однос на тоа дека таквото постапување може да предизвика нови жаришта на местата на кои речиси и да нема заболени лица.

Во врска со тоа, министерот за здравство Венко Филипче рече дека било очекувано граѓаните за продолжен викенд да заминат во туристичките места, нагласувајќи дека каде и да се задолжително треба да ги почитуваат мерките со цел да не се шири заразата.

Пазарниот инспекторат викендов поднесе 22 кривични пријави за непочитување на владините мерки од страна на категоризираните сместувачки и угостителски објекти. Осум кривични пријави се поднесени во Охрид, четири во Струга, пет во Битола, три во Дојран и по една кривична пријава на Пониква и во Маврово.

– Станува збор за кривични пријави поднесени поради прекршувања на забраната за сместување лица во категоризирани објекти, а само една пријава е за пречекорување на работно време и две кривични за прекршување на Протоколот 8 (повеќе гости на терасите, непочитување растојание или гостите се во внатрешниот дел од објектите), изјави Мери Проја Продановска од Државниот пазарен инспекторат.

По одлука на Владата, на 26 мај целосно беше укинат полицискиот час во земјава. Во тој период беа регистрирани мал број случаи на заболени со коронавирус, како и голем број на оздравени лица. За речиси две недели оттогаш секојдневно се бележат по околу сто нови случаи дневно. Филипче оцени дека сегашната ситуација со епидемијата во земјава, односно со ширењето на заразата, се должи на нецелосното почитување на мерките.

Во моментов во земјава има 1.226 активни случаи на заболени со Ковид-19, најмногу во Скопје – 658, од кои 152 во Чаир.

Слични содржини