Актуелно
Почетна / Локално / Консултативен форум со градоначалници за спроведувањето на Законот за локалната самоуправа

Консултативен форум со градоначалници за спроведувањето на Законот за локалната самоуправа

Со цел да се подобри системот на локалната самоуправа, Министерството за локална самоуправа во соработка со ОБСЕ спроведува процес на оценка на имплементацијата на Законот за локалната самоуправа во рамките на кој се организирани и пет консултативни настани. На денешниот консултативен настан беа поканети градоначалниците кои што со своето искуство во спроведувањето на Законот го дадоа својот придонес во идентификувањето на слабостите и начините за нивно надминување.

Во организација на Министерството за локална самоуправа и ОБСЕ, денеска во Скопје се одржа последниот консултативен форум за оценка на спроведувањето на Законот за локалната самоуправа.

„Оценката на спроведувањето на Законот за локалната самоуправа се спроведува во исто време со активностите на Владата за продлабочување на процесот на децентрализација. Овие два процеси се одвиваат независно еден од друг, но крајната цел е да се обезбедат услови за оддржливи, ефективни и ефикасни општини, во служба на граѓаните. Во еден инклузивен процес, со вклученост на сите засегнати страни, оваа финална консулатација треба да ги даде заклучните согледувања и наоди со препораки дури и во форма на конкретни предлози за изменување и дополнување на законот. Ова е можност сите вклучени страни во процесот на консултација, а пред се градоначалниците да го дадат својот придонес за подобрување на системот на локалната самоуправа“, изјави заменик-министерот за локална самоуправа Дејан Павлески.

Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која, истакна дека законот во неговото спроведување покажал многу позитивни трендови, но и предизвици во однос на учеството на граѓаните, транспарентноста и отчетноста, во вршењето на надзорот и во обезбедувањето на финансиите.

„Децентрализацијата треба одново да се осмисли и затоа ОБСЕ ја поддржа оваа активност на Министерството за локална самоуправа за оценка на спроведувањето на Законот, заради подобрување на локалната самоуправа во интерес на сите граѓани“, рече Која.

Од Министерството за локална самоуправа истакнаа дека со цел да се обезбеди сеопфатност во спроведувањето на оценката бил организиран широк инклузивен процес на вклучување на сите засегнати страни, вклучително и граѓаните.

„Врз основа на прашалници, сите Општини и градот Скопје доставија информации за спроведувањето на одредбите од Законот, групирани во четири столба-транспарентност, партиципација и отчетност, надлежности, механизми за соработка и надзор над работата на органите на општината, како и организација и работа на органите на општината. Паралелно, беа направени и интервјуа со претставници на Општини и со релевантни институции на централно ниво, како и истражување на перцепцијата на граѓаните за функционирањето на Општините“, информираа од Министерството.

Истакнаа дека во рамките на активностите за оценување на Законот за локална самоуправа биле организирани и четири регионални консултативни форуми на кои што учествуваа претставници на локалната администрација, секретарите и членови на советите од сите општини.

loading...