Конте: Не се плашам од отказ, душата ми е чиста

од Vladimir Zorba

Менаџерот на Челзи, Антонио Конте беше смирен по понижувачкиот пораз со 1:4 од Ватфорд синоќа што сериозно го разниша столот на италијанскиот стратег.

„Дали сум загрижен? Тоа не е мој проблем. Јас се обидувам да ја вршам својата работа. Ако за шефовите е доволно – добро. Ако не е, тие можат да ја донесат својата одлука. Не се плашам за својата работа. Работам секој ден и давам 120% од себе“, објасни Италијанецот.

„Многу е тешко, бидејќи на секоја прес конференција ме прашувате дали се плашам за својата работа. Не, не се плашам. Утре е друг ден. Можно е да не бидам повеќе менаџер на Челзи. Што е проблемот? Душата ми е чиста и спијам без проблеми. Давам сѐ од себе. Тоа е проблем за вас, не за мене или клубот. Ако се претвори во проблем за клубот – добро. Но животот продолжува“, смета Конте.

„Јас ја вршам својата работа. Ако за клубот таа не е доволна, ќе си одам дома. Немам никаков проблем и спијам добро. Челзи се наоѓа во тежок момент. Се обидов да ги предупредам сите за тешкотиите кои ги чувствуваме во моментов во првенството. Гледате дека се претставуваме прилично лошо. Сигурно згрешив со почетниот состав. Веројатно тој бил погрешен, бидејќи направивме слаб старт и потоа беше тешко да ги промениме нештата. Бевме лоши од самиот почеток. Не почнавме на најдобар начин“, изјави тренерот на „сините“.

„Мислите дека играчите имаат сила да отпуштат еден менаџер? Ова е погрешно. Јас бев капитен на Јувентус во годините како фудбалер и никогаш, никогаш не сум зборувал за тренер со мојот клуб. И ако клубот го сакал моето мислење, јас велев дека тоа не е мој проблем“, додаде Конте.

Слични содржини