Коронавирусот зеде 800 човечки животи во земјава, Владата одобри набавка на вакцини

од Берта Китинска
169 прегледи

Откако вчера беа потврдени уште 3 смртни случаи бројот на починати лица од Ковид 19  се зголеми на 800.

Последните тројца пациенти се починати во болнички услови и станува збор за лица на 48, 78 и 68-годишна возраст.

Владата побара од Бирото за јавни набавки да предложи најсоодветен начин за набавка на безбедни и ефективни вакцини против коронавирусот, потврдени и регулирани од Светската здравствена организација и го овласти министерот за здравство Венко Филипче да го потпише Договорот за преземени обврски со Глобалниот сојуз за вакцини за набавка на вакцини за КОВИД-19 преку КОВАКС и во координација со Министерството за финансии и Генералниот секретаријат на Владата да ги обезбедат потребните финансиски средства.

Ваквите владини одлуки следуваат откако по неколку дена на трицифрен број на новоинифицирани од коронавирусот, во деноноќието меѓу понеделникот и вторникот се регистрирани 80 нови случаи на Ковид-19, од направени 680 тестирања. Во посочениот период во болнички услови починати три лица, додека Институтот за јавно здравје регистрира 97 оздравени пациенти.

Со овие цифри вкупната бројка на Ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 21.193, на оздравени 16.397, а на починати 800. Во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 3.996, од кои околу 45 отсто или 1.802 се од Скопје.