Костовски за скандалот „Кражба“: Милошоски да излезе пред граѓаните и да се извини

од Nikola Popovski

„Последните докази за скандалот „кражба“ потврдија дека Антонијо Милошоски не се воздржувал од криминални дејствија дури ни кога студирал и живеел во Германија. Ова е целосно разобличување на карактерот на еден политичар кој со децении вирее на политичката сцена и директно наштетува на националните интереси на државата и угледот на законодавниот дом“, изјави денес пратеникот од редовите на СДСМ, Мартин Костовски на прес-конференција.

Според него, „наместо да излезе пред граѓаните, да се извини, Милошоски влезе во нови лаги“.

„Недозволиво е ваков однос на пратеник кон граѓаните, кон Собранието, кон државата. Антонијо Милошоски треба да се извини и да поднесе оставка, особено што се водат процеси против него и во домашните судови. Долга е низата на неговите кривични и политички престапи на Милошоски. Против него се водат судски процеси за основано сомневање за криминал со имот, користење на лустрацијата за уништување луѓе заради лична одмазда.

Неговата дволичност е метод со кој Милошоски опстојува во политиката предолго време. Сме го виделе тоа и кога манипулира со неговата лична улога во преговорите за името како министер за надворешни работи, за да може да ги прогласува предавници тие што всушност го решија спорот. Сме читале и за неговите долгогодишни врски со најрадикални антимакедонски бугарски политички структури, ама и сме го слушале како лаже дека оваа Влада го продава идентитетот.

Казните за кражба и фалсификување во Германија само го заокружуваат овој профил на политичар од минатото.

Знаеме дека и во ВМРО-ДПМНЕ има чесни пратеници, членови, функционери и редно е да излезат и тие и да побараат оставка од нивниот колега.

Граѓаните ни дале доверба за да ги застапуваме нивните интереси, за да работиме за нив и за државата, а не за да браниме криминал, не за да ја злоупотребуваме собраниската говорница за да шириме лажни вести како што тоа постојано го прави Милошоски. Извинување и оставка, тоа треба да го стори Милошоски“, рече Костовски.

СДСМ веќе втора недела по ред бара од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ да понесе одговорност и да поднесе оставка, поради информациите, како што велат од владеачката партија, дека бил осудуван и казнет за кривични дела „кражба“ и „фалсификување“ во Германија.

Слични содржини