Ковачевски: Има обиди и мешање на трети страни, не само во изборите туку и во секојдневниот политички живот во Македонија

од Nikola Popovski

„Ние имаме изградено навистина сериозни институции, во делот на спроведувањето на изборите и во секојдневниот живот, Северна Македонија е земја членка на НАТО, државата во која институциите се навистина напреднати во однос на она што беа пред 32 години, односно од независноста. Секако дека има обиди и мешање на трети страни, не само во изборите туку и во секојдневниот политички живот во Македонија. Тука мислам пред се на држави кои не сакаат да ја видат државата како дел од ЕУ и кои што сакаат да имаме отворени прашања и конфликти не само во Македонија, туку и во регионот. Меѓутоа сепак сметам дека ние како држава имаме и капацитет и луѓе и институции кои што ќе овозможат граѓаните да го дадат својот глас на најдемократски начин на овие избори,“ изјави за МИА, претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, во одговор на прашањето дали има мешање однадвор во кампањата кај нас, посочувајќи на руското влијание, преку поединци, политички партии и преку одредени организации сакаат да влијаат на наметнување на реторика поинаква од онаа која што граѓаните ја сакаат и заслужуваат.

Тој смета дека најгласни ќе бидат оние кои што се предводени од коалицијата за европска иднина и кои што кандидати ќе успеат да ги убедат граѓаните, односно да им објаснат дека единствениот вистински правец и вистинска цел за Македонија е полноправно членство во ЕУ.

Во однос на претседателската кампања Ковачевски истакна дека таа се одвива во нормален, демократски тек, но и дека, како што се доближува денот на изборите, така и реториката знае да стане пожестока.

„Претседателската кампања досега се одвива во еден демократски амбиент, каде што нашиот претседателски кандидат Стево Пендаровски ја образлага својата програма, визија за европска Македонија. Истото се однесува и на моите настапи во делот на митинзите. Започнуваме и со кампањата за парламентарните избори, на која што кандидатите за пратеници од листата на коалицијата за европска иднина ќе ги поминат сите населени места во државата каде што ќе образложиме нашата програма, каде што ќе го образложиме нашиот јасен план за држава која што ќе биде просперитетна, која што ќе го продолжи својот процес на европско интегрирање“, посочи Ковачевски.

Слични содржини