Ковачевски: Со фотонапонската електрана „Осломеј” до енергетска независност преку обновливи извори на енергија

од Берта Китинска

„Целта на Владата заедно со институциите и партнерите е да станеме земја која од европски доминантно застапените фосилни енергенси, се насочува кон енергетски капацитети кои ќе го користат сонцето што го имаме во изобилство во текот на целата година, како и ветерот, водата и гасот.Затоа со задоволство ја прифатив поканата, денеска да присуствувам на отпочнувањето на тест периодот на монтираната опрема на фотонапонска електрана од 10 мегавати во сопственост на ЕСМ, изградена на поранешните наоѓалишта на јаглен во РЕК „Осломеј”, кажа Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски кој денеска присуствуваа на завршувањето на градбата на фотоволтаичната електрана „Осломеј”, каде започна тест период на целосно монтираната опрема.

Тој потенцираше дека придобивките од оваа инвестиција се повеќекратни.

-Освен што со годишното производство од оваа нова фотоволтаична електрана од 15 до 17 гигават-часови ќе ги снабдиме потребите на околу 2.800 домаќинства со електрична енергија, правиме и ре-култивација и оплеменување на 15 хектари површина. Со ова како Влада, покажуваме вистинска грижа за заштита на животната средина.Овој проект е од огромна важност, бидејќи е прв проект со кој се заменува производството на електрична енергија од загадувачка во чиста технологија. Истиот е пример за одлично спроведен проект во целиот регион на Југоисточна Европа, и како таков е пример и за идните проекти за енергетска транзиција во земјите на Западен Балкан, кажа Ковачевски.

Премиерот истакна дека владата ја има донесено новата Стратегија за развој на енергетика до 2040 година, која целосно е базирана на Европскиот Зелен Договор и веднаш започна со нејзина имплементација.

– Преку концептот на Стратешки инвестиции, обезбедени се над 1000 MW, во проекти за изградба на фотонапонски централи и ветерни централи и тоа со реномирани компании кои доаѓаат од ЕУ, како што се „АКУО” од Франција и „WPD” од Германија кои се водечки компании во Европа за развој на проекти од обновливи извори на енергија.Процедурата за изградба на Чебрен е во втора фаза, очекуваме до средина на годинава да се донесе одлуката за избор на најповолен понудувач. Најважниот проект за енергетската транзиција на Република Северна Македонија конечно ќе дојде до фаза на реализација, вели премиерот.

Слични содржини