Кристијан Волчев ја прероди „Со маки сум се родила“ со неговата класична гитара

од Vladimir Zorba
176 прегледи

Кристијан Волчев, кој е инаку гитарист на македонскиот алтернативен рок бенд Греј (Grey), но и професор по класична гитара, го најави објавувањето на првиот соло албум со преработка на народната добро позната песна „Со маки сум се родила“ на класична гитара.

„Горд сум што сум роден во Македонија, земја што низ годините создала огромно наследство од прекрасен фолклор. „Со маки сум се родила“ за мене е една од најубавите македонски народни песни. Среќен сум што имав можност да ја реаранжирам во класичен стил, но сепак да ги задржам фолклорните обележја“ -вели Кристијан.

Како што споделува авторот, песната е плод на шест месечна работа. Таа била компонирана во моменти на носталгија и тага, по скоро две години поминати надвор од домот, кога по серија несреќни настани, со колегите од групата „Греј“ во чувство на безизлез и разочараност од можностите за младите артисти во Македонија, одлучиле да заминат за да живеат и работат на Малта.

„За своја душа, за утеха, често ја свирев „Со маки сум се родила“ импровизирајќи со различни верзии, од каде што се роди идејата за овој проект. Накратко, оваа композиција е спој од класична гитара, фламенко и македонски фолклор“ – вели Кристијан, кој инаку има дипломирано на Факултетот за музички уметности во Скопје, во 2013 година.

Песната е снимена по неговото враќање во Македонија во октомври 2016 година и веќе има и видеоспот, кој е снимен во декември на Факултетот за драмски уметности во Скопје. За реализацијата на видеото се погрижиле Дарио Секуловски – камера и постпродукција, Лидија Мојсовска – режија и Адријана Данчевска – танчарка која се занимава со модерен балет.