Курти: Ќе има повеќе последователни избори ако парламентарните партии не постигнат договор

Косовскиот премиер Албин Курти предупреди дека ќе има повеќе последователни избори доколку парламентарните партии не постигнат договор за избор на претседател на Косово, за што останува помалку од една недела

од Кристијан Димков
27 прегледи Фото: Фејсбук/Официјален профил на Албин Курти

Курти, кој е и претседател на владејачкото движење Самоопределување, им изјави на новинарите дека новите избори би ја чинеле земјата десетици милиони евра загуби, пренесе Радио Слободна Европа.

„Ако одиме на нови избори, нема да имаме решение, бидејќи повторно ќе мора да одиме на нови избори, а по нив пак на нови. Не знам како можеме да обезбедиме 80 пратеници, затоа е неопходно да постигнеме договор“, изјави Курти по свеченоста по повод отворањето на Клиниката за кардиологија во Приштина.

Претседателот на Косово се избира во Собранието со двотретинско мнозинство во првите два круга на гласање, односно со 61 глас во третиот круг, но потребно е да присуствуваат 80 пратеници за да може да се одржи седницата.

Затоа е неопходен договор меѓу парламентарните партии по ова прашање, бидејќи ниту една партија – па ни Самоопределување на Курти со 57 пратеници – нема толкав број во Собранието од 120 места.

Уставниот рок за избор на претседател истекува на 28 април, а доколку до тогаш не биде избран претседател, Косово ќе одржи нови избори во рок од 45 дена