Претседателката на Европската централна банка Кристин Лагард денеска оцени дека реизборот на Доналд Трамп за претседател на САД ќе претставува закана за Европа.
– Ако извлечеме поуки од историјата, мислам на начинот на кој Трамп ги помина првите четири години од својот мандат, тоа е јасна закана – изјави Лагард за француска телевизија, пренесе „Ројтерс“.
Таа ги посочи трговските царини, посветеноста на Трамп кон НАТО и неговиот став во борбата против климатските промени.
Европскиот комесар за внатрешен пазар, Тиери Бретон, неодамна истакна дека Трамп претходно предупредил дека Вашингтон нема да и помогне на ЕУ доколку биде воено нападната.
Според резултатите од анкетата објавена во средата, која ја спроведоа „Ројтерс“ и „Ипсос“, Трамп води во трката за републиканска номинација за претседател на САД, на изборите што ќе се одржат во ноември годинава.