Лајчак: Три барања на меѓународната заедница за Курти

од Stefanija Kuzmanovska

Специјалниот пратеник на Европската унија за дијалог меѓу Србија и Косово, Мирослав Лајчак изјави дека специјалниот претставник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар и тој побарале од косовскиот премиер Албин Курти да ја смири ситуацијата на северот на Косово, да се одржат нови избори и враќање на дијалогот.

Но, и Лајчак и Ескобар изјавија дека се само „на почетокот на мисијата“.

По Приштина, европските и американските дипломати во вторник во Белград ќе ги продолжат разговорите за ситуацијата на Косово со српскиот претседател Александар Вучиќ.

НАТО почна да ги зајакнува мировните сили на Косово по минатонеделните немири на северот на земјата, објави Алијансата.

Нема договор за нови избори

Насилството избувна откако косовските власти назначија градоначалници етнички Албанци на раководни позиции во северните општини, кои беа избрани со излезност од 3,5 отсто, бидејќи мнозинството Срби во регионот ги бојкотираа локалните избори.

Во судирите беа повредени 30 припадници на мировните сили (КФОР) и педесетина српски демонстранти.

Лајчак по средбата која траеше околу два часа изјави дека со Курти не е постигнат договор за повторно одржување на изборите на северот на Косово.

Тој прецизира дека заедно со Ескобар му го претставил на Курти предлогот на меѓународната заедница од три главни точки – деескалација на ситуацијата на северот на Косово, брзо одржување на нови избори и враќање на дијалогот.

„Да постигневме договор (за изборите), ќе го кажев тоа“, рече Лајчак, пренесува „Танјуг“, повикувајќи се на медиуми од Косово.

Тој наведе дека средбата со Курти била „долга, искрена и тешка“.

Лајчак рече дека новите албански градоначалници во општините на северот на Косово се избрани легално, но дека немаат легитимитет.

Ескобар: Единство во трансатлантската заедница

„Законитоста не значи застапеност и легитимитет, а тоа е проблемот што го имаме на северот (на Косово). Затоа, во интерес на Косово, во интерес на сите е да имаме градоначалници кои имаат законитост, но и легитимитет“, рече Лајчак.

Ескобар рече дека САД го почитуваат авторитетот на Владата на Косово и Уставот и дека западните партнери се обидуваат да најдат „формула за хармонија меѓу етничките групи“ на Косово.

„Никогаш не сум видел толку единство во трансатлантската заедница. Истите барања ги имаа и САД, Европската Унија, НАТО и речиси сите пријатели на Косово. Се надеваме дека ќе бидеме сослушани“, изјави Ескобар.

Тој го осуди нападот врз припадниците на КФОР и рече дека сторителите треба да одговараат.

Слични содржини