Лашет: „Северен тек 2“ не треба да се откажува поради Навални

од Vladimir Zorba

Новиот претседател на владејачката Демохристијанска унија (ЦДУ) и можен иден канцелар Армин Лашет смета дека Германија не смее да се откаже од проектот гасовод „Северен тек 2“ поради апсењето на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални.

„Германија излегува од снабдувањето со атомска енергија и енергија добиена од јаглен во наредниот период. И затоа и треба гас за преоден рок што го нема“, изјави во петокот Армин Лашет за Ројтерс.

Тој смета дека случајот со Навални не треба да биде поврзан со приватен економски проект како „Северен тек 2“ и предупреди на штетноста на „симболичката политика“.

„Мислам дека тоа е крајната линија на политичката култура кога наместо трезна дискусија за проблем, се обидуваат да се наметнат клишеа“, рече Лашет.

Тој ги отфрли критиките дека е „симпатизер на Русија“ и истакна дека го критикувал и понатаму ќе го критикува апсењето на Навални, како и војната во Украина.

Потсети дека Русија и Советскиот сојуз извезуваат гас во Германија повеќе од 50 години и одговори на критиките на Вашингтон кон „Северен тек 2“ дека САД исто така купуваат нафта од Русија и „другите земји кои не се примери кога станува збор за слобода и човекови права“.

Лашет неодамна стана претседател на ЦДУ и по парламентарните избори во септември може да ја наследи Ангела Меркел како германски канцелар.

Слични содржини