Не може да има национализација на компанијата Нафтена индустрија на Србија (НИС) без заедничка согласност, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на амбасадорската тркалезна маса за решавање на конфликтот во Украина, објави ТАСС.
„Постои меѓувладин договор меѓу Руската Федерација и Србија, во кој се наведува дека не може да има национализација без заедничка согласност“, рече Лавров.
Тој не ја исклучи можноста дека може да се најде начин НИС да продолжи да работи без оглед на способноста на САД да ја „казнуваат“ компанијата.
Лавров ги обвини САД дека се склони кон еднострани дејствија како „специфична црта на Американците“ и дека „преку санкции (и) злоупотреба на доларот, тие ја поткопуваат самата глобализација што ја градат со децении и која им ја препорачуваат на сите како главно добро за човештвото“.
Од 9 октомври, НИС е под санкции на САД поради мнозинскиот удел што го поседуваат руските компании. Вашингтон побара целосно повлекување на рускиот капитал од компанијата.
Српската држава поседува 29,9 проценти од акциите на НИС, додека Газпром Нефт останува главен сопственик со 44,9 проценти. На крајот на септември, компанијата „Интелиџенс“ со седиште во Санкт Петербург, поврзана со Газпром, се здоби со 11,3 проценти од акциите на матичната компанија Газпром.
Порано оваа недела, српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека државата нема да го национализира НИС, но ќе го плати рускиот дел од сопственоста доколку е потребно.