Лидерите на најголемите парламентарни партии денеска во 17 часот во Вила Водно кај Претседателот Стево Пендаровски ќе разговараат за предвремените парламентарни избори кои премиерот Зоран Заев вчера ги најави.
Претседателот Пендаровски средбата ја свика во петокот, откако беше јасно дека С. Македонија нема да добие датум за почнување на преговорите со Европската Унија.
Поканата е прифатена од сите лидери, а на маса ќе седнат претседателот на СДСМ, Зоран Заев, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, претседателот на ДУИ, Али Ахмети, претседателот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, и претседателот на Движење Беса, Билал Касами.
По прес конференцијата на премиерот Заев, во која нагласи дека ќе побара предвремени избори, сите лидери ја прифатија неговата понуда, односно рекоа дека нивните партии се подготвени за избори.