Лиле Стефанова: Беше сомнително од каде осомничените во „Империја“ ги знаеја активностите на СЈО

од Aleksandar Todeski

Не сум скарана со никој од обвинетите, но не сум во добри односи со Катица Јанева, рече обвинителката Лиле Стефанова на почетокот на сведочењето за „Рекет“, на прашање на судијката Васка Николовска-Масевска дали таа е скарана со некој од обвинетите.

Стефанова сведочеше дека во разоворите кои ги слушала од предметот „Империја“, имало експлицитни разговори помеѓу Орце Камчев и други лица, но и дека наредбата за истрага првично била за 13 лица.

„Осомничениот Камчев имаше двојно државјанство, имот надвор од државата, силно влијание врз сведоците и затоа на 5 лица им беше определена мерка притвор. Беше сомнително од каде осомничените ги знаеја активностите на СЈО. Меѓутоа на некој чуден начин, од страна на истражителите кога извршија претрес во домот на Камчев во 6 часот наутро, тој беше облечен и среден со сопругата и Кичеец. Телефоните им беа сменети“, сведочи обвинителката Стефанова која беше дел од тимот на Катица Јанева во СЈО.

Претрес, како што додаде обвинителката, имало и во „Орка спорт“, а во ниту еден момент шефицата на СЈО, Катица Јанева не покажала дека сака да им ја подобри положбата на овие лица. Потоа, како што кажа Стефанова, следувал период кога Јанева почнала да и се меша во работата за предметот „Империја“, односно почнала да бара повеќе информации за предметот.

„Поучена од претходните истраги, кога обвинетите знаеја вешто да избегнат доаѓање, започнав со повикување на обвинетите. Го повикав Камчев. Тој искористи момент каде извади лист и ми го даде да го читам. На листот стоеше „Систина“, на македонски и латиничен текст. Ми кажа да го читам латиничниот напишан од Наташа Савова, што се однесува за негово ослободување. Во листот пишуваше дека за него во пакет ќе се преземат мерки за негово ослободување. Напишани од Савова. Листот и го дадов на Јанева, која на тоа не кажа ништо. Подоцна Јанева побара мерките притвор за петте да се пренаменат во куќен притвор. Таа ваквата постапка ја правдаше со тоа дека ова е важно за процесот во државата“, кажа обвинителката во своето сведочење.

Стефанова се побунила но Јанева дрско и нервозно и вратила дека тоа е нејзина одлука, по што следувала мерката куќен притвор за сите. Мерката, како што сведочеше обвинителката, опстојуваала се до февруари 2019 и била укината за две лица. Таа побарала и да им се одземат патните исправи, а на 8 ми март, Јанева се јавила на стручниот соработник, велејќи дека има предлог Цветан Панделски да му се даде времена патна исправа.

„Бев изненадена од нејзиниот однос. И кажав дека на ова барање нема да дадам позитивно мислење. Во целиот овој период, Камчев поднесуваше барање за укинување на мерката притвор и враќање на патните исправи. Подоцна следуваше доделување на приврeмена патна исправа за Цветан Панделски. На 16 април 2019 ми рече на состанок да му се врати пасошот на Камчев“, рече Стефанова.

Обвинителката кажа дека Јанева со повишен тон на гласот побарала од неа и обвинителот Бурим Рустеми да направат извештај колку штета треба да се плати во предметот „Империја“ и тука да се затвори предметот, а потоа сите обвинители кои биле на состанокот ги избркала.

„На колегата Гаврил му кажав дека ќе си напишам оставка затоа што Јанева работи незаконски и пред медиумите ќе кажам зошто сум поднела оставка Јас и Јанева за враќањето на пасошот на Камчев не сме прозбореле ни збор. Дознав за тоа кога дознаа сите граѓани, кога се појави на некој спортски натпревар“, сведочи обвнителката.

И.Р.

Слични содржини