Локвенец: Ако ВМРО-ДПМНЕ не гласаат за Законот за одбрана, ќе бараме поддршка од 80 пратеници

од Aleksandar Todeski
267 прегледи

Деструктивното однесување на ВМРО-ДПМНЕ е одамна прочитано од страна на граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ свесно го кочи носењето на Законот за одбрана кој е клучен за членството на Северна Македонија во НАТО, рече на прес конференција пратеникот од владејачката СДСМ, Хари Локвенец.

„Законот за одбрана е клучен за членството во НАТО, кое е приоритет на државата веќе 25 години. Нема да дозволиме напредокот да биде закочен. Казната за однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ раководено од Будимпешта доаѓа на 12 април“, рече Локвенец.

Тој истакна дека Законот за одбрана треба да биде донесен до крајот на мандатот на овој пратенички состав и  најави дека ќе се оди на обезбедување на 80 гласови ако опозицијата не ги надмине своите теснопартиски интереси. Според пратеникот, свесното блокирање на овој Закон може да дведе до ново вето од Грција.

„Мислам дека поддршката на еден ваков закон кој освен едниот член во кој станува збор за името на Армијата кој не е поддржан само од опозицијата, другото се е консензуално донесено“, додаде Локвенец.

Владејачкото мнозинство се уште нема разговарано со независните пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, но ставот дека тие би гласале позитивно го влечат од претходната поддршка на комисијата.

А.Т.