Горниот дом на британскиот Парламент оценува дека во земјите од Западен Балкан зајакнуваат авторитарни лидери и националистички политики.
Во извештај на Домот на лордовите, објавен денеска, се изразува „длабока загриженост“ дека западнобалканските земји тонат кон авторитаризам и дека стабилноста на регионот е поткопана од странски земји, како Русија.
Во документот насловен „Обединетото Кралство и иднината на Западниот Балкан“ се изразува „сериозна загриженост“ дека постои опасност од губење на придобивките постигнати во доброто владеење и изградбата на правната држава, бидејќи земјите од регионот се соочуваат со „авторитарни раководства, националистички политики и заробени држави“.
– Тоа влошување е видливо и во загриженоста на меѓународната заедница поради овие тенденции, како и од ендемскиот организиран криминал и корупцијата во регионот. Стабилноста на регионот, исто така, е поткопана и од влијанието на трети земји, се додава во извештајот.
Во документот се посочува дека за приближувањето на балканските земји кон ЕУ особено е значајно оставрувањето напредок во борбата против корупцијата, зајакнувањето на владеењето на правото и слободата на говорот и спроведувањето на остнатите реформи.
– Иако надвор од ЕУ, Велика Британија ќе остане клучен пријател на земјите од регионот. (Британската) Влада треба јасно да каже кога земјите во регионот не ги исполнуваат бараните вредности и стандарди и да го искористи своето влијание за да бидат согледани недостатоците, се нагласува во Извештајот.
Извештајот е објавен во пресрет на Самитот за Западен Балкан, чиј домаќин ќе биде Велика Британија во јули годинава./MIA