Кавгата со партнерот може да биде причина за силна физичка болка, покажа студија спроведена на Универзитетот Нортвестерн во Илиноис.

Истражувањето на научниците траело две децении, во текот на кои на пет години ги повикувале брачните двојки да излезат пред камера. Додека испитаниците се расправале со својата втора половина, стручњаците ги проучувале изразите на нивните лица, го анализирале тонот на гласот, и говорот на телото. Потоа ги испрашувале за нивната здравствена состојба.
Студијата покажала дека дури 80 отсто од мажите кои во текот на расправата со партнерката се лутеле развиле симптоми на кардиоваскуларни болести – болка во градите, забрзано работење на срцето, краток здив. Научниците заклучиле дека во текот на препирката расте крвниот притисок и се зголемуваат отчукувањата на срцето, што со текот на годините остава последици по здравјето.
Мажите кои во текот на расправата избегнуваат контакт со очите и наводно не ја забележуваат партнерката чувствуваат напнатост и болки во грбот.
Речиси половината од испитаниците ги имале овие симптоми , за разлика од оние кои емоционално се поотворени.