Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, на шега ветил дека ќе го приземји авионот на американскиот претседател Џо Бајден, доколку реши да дојде во Минск на разговори со Владимир Путин.
Лукашенко ги покани претседателите на Русија и САД на самитот во Белорусија и додаде:
„И двајцата ќе ги дочекам како што доликува, ќе ги разгледаме сите проблеми“.
На видеото од обраќањето на белорускиот лидер, кое го објави телеграм-каналот „ОНТ њуз“, Лукашенко исто така раскажал како Бајден требало да се оправда пред Путин во еден телефонски разговор, во кој станало збор и за Белорусија.
Лукашенко исто така изјави дека рускиот лидер со задоволство ќе дојде на самитот во Минск.
„А можеби и тој (Бајден) ќе ризикува. Па, можеме само да го спуштиме неговиот авион. Имаме писта, две писти, може да слета на која било“, се пошегувал Лукашенко.
Продолжувајќи во ист стил, белорускиот лидер рече дека е подготвен да подигне авиони-ловци за придружба на американскиот претседателски авион од границата со Полска.
„Ќе испратиме три авиони: два странично и еден од позади. Од безбедносни причини, можеме да додадеме еден подолу. Значи, дури и ако некој има преносен ракетен фрлач, нашиот ловец ќе го придружува авионот директно до пистата. Затоа повелете, го чекаме во Белорусија“, рекол Лукашенко.
Еден ден претходно, Москва и Вашингтон официјално потврдија дека самитот на претседателите на двете земји, Владимир Путин и eЏ Бајден, ќе се одржи на 16 јуни во Женева, а како се очекува, ќе се разговара за прашања од стратешката стабилност, борбата против пандемијата, меѓународните прашања и регионалните конфликти.
Фото: BelTA