Ако одите со сопствено возило во Грција, особено треба да бидете внимателни каде го паркирате возилото, за да се заштитите од скапи глоби, но и од законските одредби кај нашиот јужен сосед, според кои може да ви ги одземат табличките за неправилно паркирање.
Еден Македонец, сподели фотографија на Фејсбук групата Grčka Info, за која пишува дека е направена на Неа Флогита, на Халкидики, на 15-ти јули годинава.
Внимавајте каде паркирате, почитувајте ги сообраќајните знаци, инаку отидоа табличките“ – напиша тој над фотографијата.
Како што може да се види од објавата, двете возила што непрописно се паркирале на местото одбележено како паркинг место за лица со инвалидитет им биле отстранети табличките.
Инаку, според грчките закони, казните за непрописно паркирање се движат од 40 до 80 евра и во вакви случаи, полицијата има право да „го казни“ и автомобилот, односно да ви ги одземе табличките.
Од коментарите во објавата може да се види дека со вакви проблеми се соочуваат туристите низ цел Халкидики.
Ем немаат место за паркинг, ем нудат аранжмани. Што се виновни туристите, каде да се паркираат?“ – стои во еден од коментарите.
Други, пак остро се спротивставуваат на ваквите коментари, затоа што сметаат дека има причина зошто овие паркинг места се одвоени и одбележани.
Да, можеби навистина е гужва, но кога ќе дојде лице со инвалидитет, за него нема место, затоа што му треба простор за да излезе од автомобилот. Додека госпоѓата не се грижи и се бања. Треба да им се одземаат табличките, затоа што го гледаат знакот и намерно се паркираат“.
Инаку, во коментарите се приклучија и Грци, кои нагласуваат дека веќе со година се води дебата за промена на законите во Грција и дека и самото локално население бара наместо одземање таблички да се спроведе праксата за кревање на возилата со пајак служба, но засега нема промени.