Зли јазици би рекле дека се појавија првите искри меѓу Енди Мареј и Новак Ѓоковиќ, кои почнаа да соработуваат откако Британецот е новиот тренер на Србинот, но јасно е дека тоа е нивна внатрешна шега и потврда за одличните односи што ги негуваат речиси две децении.
Имено, Мареј на социјалните мрежи со шеговит тон го искоментирал престојот на Новак на последната трка од Формула 1 каде се фотографирал со Џорџ Расел, возач од Велика Британија.
„Треба да биде на тренинг“, коментирал Мареј на социјалните мрежи.
Не недостигал одговор, во овој случај, од ученикот Ѓоковиќ.
„Не се грижи тренеру, ќе се вратам наскоро“, порачал српскиот тенисер.
Српскиот и светски тениски ас в недела ќе биде дел од егзибицискиот турнир во Буенос Аирес, каде од тенисот ќе се збогува неговиот голем пријател и поранешен ривал на теренот, Хуан Мартин дел Потро.
Кога станува збор за планот и програмата на Новак, се уште не се знае во кој правец ќе одат работите и дали на крајот на годината ќе игра во Бризбејн, со цел да направи увертира за првиот Грен слем сезонава- Австралија опен.