Маричиќ на работилница на ТАИЕКС во Белград: Реформата на јавната администрација е основа од која зависи развојот на демократското општество

од Илинка Илиоска
2,7K прегледи

Првиот вицепремиер задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ се обратил на работилница за повеќе земји на ТАИЕКС (TAIEX), на тема „Како да се постигне успех во пристапниот процес кон Европската Унија: Најдобра пракса, напредок и предизвици на земјите кандидати со фокус на основите на Кластер 1 – Реформа на јавната адинистрација во Северна Македонија.“

Како што соопшти СЕП, во своето обраќање тој ја истакнал важноста на регионалната работилница, каде што продолжуваат дискусиите за Европската Унија, перспективата на регионот и напредокот на нашите земји во процесот на пристапување, со фокус на искуствата на земјите кандидати и земјите-членки.

Маричиќ го нагласил успешно завршениот Скрининг процес на почетокот на декември 2023, во кој беа вклучени околу 1000 лица од околу 200 национални институции и 850 презентации подготвени во временски период од околу 15 месеци.

-За да продолжиме со успешно реализирање на процесот, треба да ја исполниме преостанатата обврска, тоа се уставните амандмани, бидејќи има позитивен моментум за проширувањето и сакаме да бидеме меѓу оние земји што побрзо ќе влезат во Унијата, истакнал Маричиќ во обраќањето.

Тој исто така нагласил дека по официјалното писмо од шпанското претседателство со кое се повика Владата да подготви патоказ за владеење на правото, придружен со Акционен план за заштита и унапредување на правата на припадниците на националните малцинства или заедници кои се помалку од 20 отсто од населението во Северна Македонија и Патоказот за РЈА, Владата ги одобри документите и тие биле споделени со ЕК на 27 декември 2023 година.

Дополнително, додал, во завршна фаза е изготвувањето на Патоказот за функционирање на демократските институции, којшто не е воведен репер, туку е услов, што ги опфаќа областите на изборите, работата на парламентите и граѓанското општество.

Слични содржини