Маричиќ: Не треба опозицијата да бара изговори за чекање, ни треба да одиме напред што побргу

од Stefanija Kuzmanovska

Не треба опозицијата да бара изговори за чекање, ни треба да одиме напред што побргу, да станеме дел од ЕУ во 2030 година, рече секретарот за меѓународна соработка на СДСМ и вицепремиер, Бојан Маричиќ.

„Не треба опозицијата да бара изговори за чекање дека може да добиеме подобар предлог или дека Бугарија ќе исполни нешто што не исполнила 20 години. Не треба ние да се врзуваме со чекори кои зависат од други. Нам не ни треба тоа. Нам ни треба да одиме напред што побрзо, сакаме во 2030 година да стоиме заедно со другите држави членки кои ќе влезат во ЕУ“, рече Маричиќ во „Клик плус“ на ТВ21.

Според него, „она што се продава од опозицијата, ние само да чекаме“, ќе ја испразни државата од младите и ќе ја уништи надежта за ЕУ.

Маричиќ рече дека досега сме биле прегазувани од таквото чекање и станавме членка на НАТО 10 години подоцна од што требаше, а ја испуштивме и можноста да се приклучиме на ЕУ, откако заедно со Хрватска добивме кандидатски статус.

„Хрватска веќе 10 години е членка, нашите млади сега одат таму да работаат. Ние не сакаме пак да бидеме прегазени. Се обидуваме на ВМРО-ДПМНЕ да им објасниме дека политички ставови носат последици по сегашноста и иднината. Имаме доволно искуство изминативе 30 години што треба, а што не треба да правиме“, рече Маричиќ.

Не смее опозицијата да остане партија на изолација, додаде тој.

Секретарот за меѓународна соработка на СДСМ го коментираше и писмото на Трајко Велјаноски објавено денеска.

„Деловникот е многу јасен. Не сакам да дискредитирам никого, меѓутоа, Трајко Велјановски е човекот кој што многу често ги кршеше сите правила во Собранието, знаеме дека шест месеци не дозволуваше да се формира ново парламентарно мнозинство, изобилува неговиот мандат со парламентарни инциденти. Не мислам дека е баш вистинскиот човек кој може да даде оценка за деловникот или каков е деловникот“, вели Маричиќ.

Слични содржини