„Маринка не падна, борбите продолжуваат“: Украина ги негира тврдењата на Русија за заземање на градот

од Stefanija Kuzmanovska

Одбранбените сили на Украина ги негираат тврдењата на Русија за заземањето на Маринка, изјави портпаролот на заедничкиот прес-центар на одбранбените сили од правецот Таври, Александар Штупун.

„Борбите за Маринка продолжуваат, во моментов нашите војници се во административните граници. Но, градот е целосно уништен. Неточно е да се зборува за целосно заземање на Маринка“, нагласи Штупун, пренесува „Укринформ“.

Во правец на Маринка, одбранбените сили на Украина продолжуваат да ги задржуваат руските војници во областа Новомихаиловка, во текот на денот се случија вкупно 76 борбени престрелки на фронтот, објави на Фејсбук Генералштабот на вооружените сили на Украина.

Како што е наведено во Генералштабот, руските трупи на левиот брег на Дњепар не се откажуваат од намерата да ги протераат единиците на одбранбените сили од одбраната на мостот таму.

Министерот за одбрана Сергеј Шојгу денеска соопшти дека руската армија целосно воспоставила контрола над Маринка во предградието на Доњецк.

„Во текот на активните офанзивни дејства, јуришните одреди на групата Јужнаја денеска целосно го ослободија селото Маринка, југозападно од Доњецк“, изјави министерот за одбрана.

Шојгу посочи дека преземањето контрола над градот ќе овозможи поефикасна заштита на Доњецк од нападите на украинските вооружени сили.

Како што потсетува киевската агенција, британското разузнавање објави дека се уште траат тешките борби за контрола над уништениот град Маринка и неговата околина на југоистокот на Украина и дека големиот напредок на Руската Федерација на овој дел од фронтот е под знак прашалник.

Слични содржини