Мас: Германија нема да го смени ставот за „Северен тек 2“

од Stefanija Kuzmanovska

Берлин не планира да се повлече во спорот со Соединетите држави околу гасоводот „Северен тек 2“, изјави за агенцијата ДПА германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас, пренесува денес Радио Слободна Европа (РСЕ).

„Не треба да зборуваме за европскиот суверенитет ако тоа значи дека сè што правиме во иднина е онака како што тоа го сака Вашингтон“, рече Мас во пресрет на 20 јануари, кога Џозеф Бајден ќе го преземе претседателското место од Доналд Трамп.

Берлин сака нов почеток со Вашингтон во ерата на Бајден, откако односите се влошија за време на мандатот на Трамп, пишува германската агенција ДПА. Но, како што рече Мас, сепак ќе има спорни точки.

„Германската влада нема да го смени ставот за Северен тек 2. Важно е дека сме усогласени со централните стратешки и геополитички прашања, да сме на иста страна“, рече Мас.

ДПА пишува дека со инаугурацијата на Бајден не се очекува промена во американската политика и дека избраниот претседател, демократот Бајден, како и Трамп, го отфрлаат проектот за гасоводот.

„Северен тек 2“ треба да донесе руски гас директно во Германија, најголемата економија во Европската унија, преку рутата под Балтичкото море.

Соединетите држави оценија дека гасоводот претставува закана за безбедноста на сојузниците на НАТО во ЕУ поради зголемената зависност од руската енергија и се заканија со нови санкции.

Оние кои го поддржуваат проектот „Северен тек 2“ ги обвинуваат Соединетите држави дека само сакаат да бидат во позиција подобро да го продаваат сопствениот гас во Европа.

Слични содржини