Медиумско образование: Со описменувањето паралелно треба да се развиваат и вештините за медиумска писменост

од Берта Китинска

Медиумската писменост и критичкото мислење од следната година ќе бидат интегрирани во сите наставни предмети за учениците од прво и четврто одделение, а како што најави министерката за образование и наука Мила Царовска, на тој начин сите деца од најмала возраст ќе се учат како да распознаваат лажни вести.

Новата најава предизвикаа бура од рекации кај родилтеите.Дел од нив сметаат дека возраста за воведување на овој предмет не е соодветна.

-Лично сум против воведување на ваков предмет , бидејќи медиумска писменот на деца од 1-4 одделение не одговара на возраста. Во овој период родителот е тој што треба да внимава што гледа неговото дете на интернет, телевизија и слично, вели Маја Павловска, мајка на третодделенец. Таа смета дека децата од прво до четврто одделение имаат премногу часови.

-Зачудена сум од фактот дека се повеќе се оптоваруваат децата со нови предмети наместо да се растеретуваат. Возраста е тотално промашена, од 1-4 одделение треба да се описменуваат, а не да разликуваат лажни вести. На почеткот од средно образование кога ќе достигнат зрелост може да им биде понудено да одберат предмет медиуми доколку имаат интерес за тоа. Сметам дека целиот модел на средно образование треба да се менува и да се заснова на поголем број изборни предмети, а помалку задолжителни. Во развиените земји овој модел се применува уште пред 30 години, посчи Александра Стојанвска мајка на втородделенец.

За Сања Марковска мајка на три деца кои одат во основно училиште медиумското образование е потребно за децата бидејќи тие од најмала возраст се на интернет.

-Одлична идеја е воведувањето на ваков тип на едукација, само треба соодветни материјали можеби и посебни едукатори да бидат вклучени на овие часови за децата да се заинтересираат и разберат што е суштината на предметот, објаснува Макровса.

Новинарските здруженија во разговор за „Локално“ велат дека оваа наставна дисциплина навистина е потреба и нужна,додавајќи дека со новиот предмет ќе се амортизира општиот медиумски хаос кој се случува како резултат на дигиталниот развој.

Според претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски едукацијата за медиумско описменување им е неопходна на младите поради тоа што допрва дигиталните медиуми ќе бидат се поприсутни.

-Морам да истакнам дека не заостануваме зад интеграцијата на медиумското образованите и медиумската писменост во развиените земји. Во Австралија, Германија, Канада, Велика Британија, Финска, медиумското образование е вклучено во различни предметни програми, иако може да се најде и во облик на посебни изборни и задолжителни предмети. Образовните политики на овие земји укажуваат на придобивките од медиумското образование. Кај дел од овие земји, медиумското образование е вклучено во англискиот јазик, што укажува на фокусираноста приоритетно кон медиумскиот текст. Како и да е, одлуката е за поздравување, особено заради силните укажувања на ефектот на дезинформациите врз јавноста кај нас, објаснува Чадиковски.

За Марина Тунева, извршната директорка на СЕММ, медиумската писменост е неминовна потреба и одлика на секој современ систем на образование.

-Нејзиното вклучување во наставната програма за учениците од основното образование, па сè до високото образование е неопходно. Овој процес, меѓу другото, подразбира и бројни предизвици и реформски процеси, ревизија на плановите и програмите во основното образование за вклучување на темите и пристапот поврзан со медиумската писменост, како и усогласување на стратегиите и плановите во образовната политика со трендовите и праксата во развиените општества. Добро е што се преземаат конкретни чекори во оваа смисла, бидејќи навистина е потреба за којашто долго време се залагала професионалната медиумска заедница, истакна Тунева.

Со описменувањето паралелно треба да се развиваат и вештините за медиумска писменост

-Идејата за медиумско образование не е нова. Таа е поттикната од страна на УНЕСКО од 1964, а целта е да се разберат медиумите и да се развие критичката свест кај младите луѓе. Која е идеалната возраст за медиумско описменување е добро прашање.Фактите укажуваат дека училишните политики кои се практикуваат во светот, повеќе се фокусирани кон вклучување на медиумското образование во средните училишта, отколку во основните. Причината за тоа, најверојатно е фактот дека учениците во средните училишта учат полесно бидејќи се когнитивно позрели, имаат основно знаење и многу подобро ги познаваат и користат дигиталните медиуми, за разлика од учениците во основното образование, вели првиот човек на ЗНМ.

Според него со описменувањето кое почнува од најрана возраст паралелно треба да се развиваат и вештините за медиумска писменост.

-Она во што сум сигурен е дека едукацијата за медиумско описменување им е неопходна на младите како корисници на медиумите, особено и поради тоа што допрва дигиталните медиуми ќе бидат сеприсутни. Ние мора да бидеме свесни за неколку работи, кога ја анализираме одлуката за медиумска писменост. Ние сме соочени со факти кои укажуваат дека децата во училиштата се обично компјутерски пописмени од своите наставници, што создава една прилично комплексна ситуација. Покрај тоа, голем дел од родителите се или недоволно информирани или недоволно едуцирани, за да им помогната на своите деца во развивање на вештините за медиумска писменост.Сите ние треба да сме едногласни во развивање на способноста и вештината кај младите за разбирање, читање и проникнување во сржта на медиумските содржини. Развивањето на овие вештини ќе биде клучно во овозможување младите луѓе на различни начини да ја согледуваат, анализираат, евалуираат и креираат медиумската порака. Само на тој начин, ние ќе бидеме сигурни дека тие правилно ги развиваат своите навики во насока на користење на дигиталните медиуми, објаснува тој.

Директорката на СЕММ, смета дека медиумската писменост и вештините кои произлегуваат од нејзиното изучување се важни за дечињата кои се на оваа возраст.

-Децата се секојдневно изложени на медиумските содржини и информации што произлегуваат од различни платформи за комуникација. Имајќи предвид дека децата се активни корисници на медиумите, нивното вклучување во програмите за медиумска писменост значи создавање општество на одговорни и свесни поединци со свесност за критичка проценка на содржините што произлегуваат од различните платформи за комуникација, вели Тунева.

Медиумското образование ќе го амортизира општиот медиумски хаос

Чадиковски е сигурен дека овој наставен предмет ќе има ефект.

-Имплементацијата на медиумското образование во образовниот систем на Македонија е нужност која ќе го амортизира општиот медиумски хаос кој се случува како резултат на дигиталниот развој. Долгорочно, убеден сум дека ќе има ефект, смета тој.

Поседувањето вештини за критичка проценка на медиумските содржини според Тунева ќе развие внимателност во консумацијата информации и способност да се процени на кои информации може да им се верува, а на кои не.

-Медиумската писменост е и многу повеќе од тоа, односно вклученост во заложбите за продуцирање содржини што се реален, а не фиктивен одраз на секојдневието, објаснува таа.

Изучувањето на медиумската писменост според Чадиковски и Тунева не треба да подразбира ограничувања во возраста.

-Јасно дека живееме во време во кое на сте ни треба континуирано образување и развивање вештини. Во таа насока, не треба да се фокусираме само на едукација на младите, туку и на сите единки на нашето општество. Сите ние мора да ги развиваме вештините за медиумска, информациска, информативна и дигитална писменост, вели Чадиковски .

Директорката на СЕММ, смета дека медиумската писменост не треба да подразбира ограничувања во возраста и дека секој консумент на медиумските содржини би имал корист од изучувањето на вештините за критичка проценка на информациите.

Потребни се програми со кои на децата ќе им објасниме низ примери

-Потребни се професионалци и во оваа област. Да не ги правиме половично работите. Да овозможиме програми со кои на децата ќе им објасниме најпластично, низ примери, што е дезинформација, манипулација, како да се заштитиме од неа. За комплексни теми потребни се интегрирани решенија. Новинарите тука можат најмногу да помогнат, објаснува претседателот на ЗНМ.

И Тунева е на истиот став дека медиумите треба да бидат активни партнери и поддржувачи на овој процес бидејќи нивната улога ќе допринесе во ефективното изучување на овие содржини.

Б.М.

Слични содржини