Меџити и ДУИ „во клинч“ за дивоградбите: Дали има основа за кривична одговорност на екс-градоначалникот на Чаир и функционерите од Мала Речица?

од Nikola Popovski

До неодамна заедно, а сега главни ривали. Препукувањата на релација Изет Меџити-ДУИ доведоа до нов аспект во предизборието, при што отворено се спомнуваат кривични дела. Поранешниот висок функционер од ДУИ, кој од 2005 до 2017 година беше и градоначалник на Чаир, а сега е дел од коалицијата „Вреди“, во дебатна емисија призна дека додека бил прв човек на скопската општина, го прекршил законот и ја легализирал куќата на шефот на македонската дипломатија и претседателски кандидат, Бујар Османи, која била изградена на диво. Покрај него, Меџити кажа дека и на други функционери на ДУИ им овозможил легализација на своите објекти кои имале статус на дивоградби, меѓу кои Артан Груби и неговите браќа. Од партијата на Али Ахмети возвратија дека „ако знаел дека го прекршува законот, зошто решил да ги потпише актите за легализација на објектите заедно со над 30 колективни згради изградени по 2011 година и не ги презел потребните правни дејствија за рушење“? Притоа од владеачката партија побараа од правосудните органи да постапат според нивните овластувања по ова, како што велат, флагрантно признание на одговорноста. Оттаму се поставува прашањето дали има основа за барање кривична одговорност од екс-градоначалникот на Чаир, но и од функционерите од ДУИ?

Дел од правниците и експертите со кои поразговара „Локално“ велат дека ние традиционално имаме проблем со владеењето на правото во Македонија, па од тој аспект не е чудно што избиваат вакви афери, посебно сега пред избори.

Владо Бангиевски

Според адвокатот Владо Бангиевски, партиско – политичките влијанија, не само кога станува збор за ДУИ, туку и најопшто земено, се покажуваат за клучни кога станува збор за релизирање на одредени лични или приватни цели и интереси.

-Оваа изјава е аларм, по кој знае кој пат, дека законот се крши, а тоа кршење го обезбедува партиската моќ или влијание. Институциите се парализирани од партиите, кога тие треба да спречат нечие незаконито работење. И затоа ние имаме вакви ситуации, вели тој во кратка изјава за „Локално“.

Тврди дека самиот Закон за легализација на дивоградбите е спорен од аспект на нивно спречување и остава можност да се изигрува заради нечии лични интереси.

Партијата на Ахмети и денеска се огласи по ставовите на претседателот на Демократското движење. Ja изразија како што велат, својата огорченост од масовната злоупотреба на довербата на граѓаните од дуото Изет Меџити и Висар Ганиу кои „јавно признаа дека се одговорни за вековниот криминал со легализацијата на над 30 згради за колективно домување во општина Чаир“.

-Меџити се обидува да го камуфлира фактот дека сам одлучил, а не според законот, кој објект да се легализира, а кој не, со тоа што вината на апсурден начин ја префрла на граѓаните на Чаир, дури и за индивидуални станбени објекти, рекоа од ДУИ.

Оттаму посочуваат дека „Изет Меџити пред целата јавност со своја уста призна дека одлуките за легализација на објекти ги носел тој како градоначалник на општината и со политичко-коруптивни тенденции, а не во строга форма како што е предвидено со законските одредби“.

Лани во екот на летните одмори, предводникот на „Огнената група“, Меџити, основа нов политички субјект. Партиските превирања влијаеја и врз распоредот на силите во парламентот. Меџити, заедно со Мерита Коџаџику, се издвоија од пратеничката група на ДУИ и делуваат како независни во македонското Собрание. Кон нив се приклучи и Кастриот Реџепи, кој делуваше како независен по разидувањето со партијата Беса.

Легализацијата на дивоградби првпат беше овозможена преку Законот за третман на бесправно изградени објекти од 2011 година. Законот и рокот за поднесување барања за легализација во неколку наврати претрпе измени а со постојното законско решение крајниот рок до кој можеа да се поднесат барања за легализација на дивоизградени објекти беше до 31 декември 2018 година со услов дивоградбата да била изградена најдоцна до март 2011 година.

Н.П.

Слични содржини