Мерко двапати поставил директорка на училиште без високо образование, ДКСК бара кривично да одговара

од Nikola Popovski

Државната комисија за спречување корупцијата (ДКСК) на денешната седница соопшти дека ќе достави иницијатива до Основното јавно обвинителство Струга за кривично гонење на градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко за злоупотреба на службената положба и овластување.

Како што посочија членовите на ДКСК, Мерко на незаконски начин на два пати назначил вршител на должност, в.д директорка на основно училиште во Струга која немала завршено високо образование, ниту го имала потребното работно искуство.

Од таму предлагаат кривично да се гонат и в.д. директорката и уште неколку други вработени, кои и помогнале да фалсификува документи кои и биле потребни за изборот на функцијата директор.

Директорката имала четири години и осум месеци работно искуство, што не е доволно за да биде назначена за директор.

Мерко е ставен на „црната листа“ на Соединетите Американски Држави како генерално неподобен за влез во САД, поради како што беше кажано, негова вмешаност во коруптивни активности. Како што соопштија од Стејт Департментот, Мерко присвоил средства и се мешал во судските и другите јавни процеси, нанесувајќи ѝ штета на вербата на јавноста во демократските институции и функционери во Северна Македонија.

Слични содржини