Мицкоски демантира дека постојат „црвени подруми“: „Ахмети да се ослободи од некои луѓе и да се фокусира на реалните работи“

од Nikola Popovski

Откако лидерот на ДУИ, Али Ахмети обвини за заткулисни планови на двете најголеми македонски партии и стравува дека тие ќе имаат влијание и на меѓуетничките односи, се огласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Според него, „не постојат никакви црвени подруми“.

Идниот мандатар на Владата смета дека претседателот на ДУИ „е опкружен со луѓе кои во целиот овој период го доведоа во една ваква ситуација да верува во фантазија, а не во реални работи и тоа е неговата клучна грешка“.

-Мојата порака е дека не постојат подруми, се е транспарентно, се е јасно. Јас зборував уште од многу одамна дека природната опција за ВМРО-ДПМНЕ е да коалицира со албанската опозиција во Македонија, вели Мицкоски во интервју за „ОРА 24 ТВ“.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го советува Ахмети дека треба „да се ослободи од некои луѓе со кој тој е опкружен и повеќе да се фокусира на реалните работи“.

-Потоа едно ново ДУИ со нови луѓе и освежена кадровска и програмска платформа може да дојде да седнеме да разговараме, да видиме како ќе биде во иднина, рекол Мицкоски во интервјуто.

Ахмети пред неколку дена обвини дека се прават „политички договори во црвени подруми“, со цел да им се одземат пратенички мандати на ДУИ. Тој додаде дека ваквите договори се штетни и ќе ги разоткрие на време.

-Ниеден чекор назад не смее да се толерира. Ги знаеме сите политички договори во црвените подруми и во иднина ќе излеземе со детали за сите договори и ќе ги демаскираме во јавноста, кажа Ахмети за одлуката за прегласување на седум избирачки места.

Слични содржини