Мигрантска криза: Фронтекс – Која е задачата на оваа европска агенција и зошто постојано е критикувана?

од Nikola Popovski
211 прегледи

Европската унија е решена да ги „заштити“ границите од бегалците. Грчката војска и полиција ќе бидат поддржани и од стотици граничари на Фронтекс. Која е задачата на оваа европска агенција и зошто постојано се критикува?

Фронтекс – тој збор секогаш паѓа во текот на хаотичните сцени на надворешните граници на Европската унија. Ова е случај повторно: грчката влада побара помош од Фронтекс, а оваа агенција за заштита на границите одговори да. Агенцијата е веќе присутна на грчко-турската граница, но сега ќе го зголеми присуството.

Кога пожарот треба да биде „изгаснат негде“, Фронтекс може да реагира со најмногу 1.500 граничари што мора да ги стават на располагање од земјите-членки на ЕУ во рок од пет дена. Германија испраќа петнаесет проценти од граничарите, најмногу од сите држави.

Граничарите на Фронтекс не дејствуваат самостојно на лице место, но, како што објаснува оваа служба, „по упатства и во присуство на граничните службеници на земјата-членка на ЕУ кои побарале помош“, во случајов Грција.

Така, грчката страна со Фронтекс би изготвила план за мисија во која детално кажале какви оружја да носат и како да ги користат. Фронтекс има и возила, бродови и опрема за граничен надзор.

Не станува збор само за гранична заштита – во мисиите најчесто се експерти за фалсификувани документи, како и оние кои регистрираат барања на азил.

Многу поголем буџет

Фронтекс се здоби со драматично значење уште од основањето во 2004 година со седиште во Варшава. Според нивните сопствени зборови, целта е „да се задржат границите на Европа отворени и безбедни“. Шефот на Фронтекс, Фабрис Легери вели: „Ако сакаме да се движиме без граници во просторот на Шенген, само треба заедничко управување со надворешните граници“.

Во екот на бегалската криза кон крајот на 2015 и почетокот на 2016 година, брзо стана очигледно дека одделните држави не можат да се справат со огромниот број луѓе што ги преминуваат границите. Ова е причината зошто отворените внатрешни граници, една од основните идеи на ЕУ се доведени во прашање. Досега не е пронајден компромис во ЕУ за дистрибуцијата на бегалци.

Последица од тоа беше промена на парадигмата – повеќе почнаа да размислуваат како да се запре „нередовната“ миграција. Така, пораснаа очекувањата од Фронтекс, кои треба да имаат 10.000 граничари до 2027 година. Буџетот порасна значително на 1,6 милијарди евра годишно.

Критика од различни страни

Хуманитарните организации ги обвинуваат граничните службеници на Фронтекс за кршење на меѓународното право за бегалци или толерирање на нивните колеги во одделни земји-членки на ЕУ.

До 2014 година, бродовите „Фронтекс“ блокираа бегалски чамци во Средоземното море, спречувајќи ги луѓето да бараат азил. Директорот на „Фронтекс“, Илка Латинен, во тоа време призна дека имало вакви случаи и оттогаш правилата се построги.

Со години, Фронтекс има советодавно тело кое претставува хуманитарни организации, Црвениот крст и Обединетите нации. Штефан Кеслер, раководител на телото, во интервју за ДВ рече: „Контролата над Фронтекс им е доделена на земјите-членки што се на управниот совет и двајца официјални претставници на Европската комисија кои се во тој совет. Нема ефективна надворешна контрола на Фронтекс“.

Критиките сè уште се слушаат денес. Себастијан Кох, портпарол на иницијативата за човекови права „Морски мост“, рече: „Ние не можеме само да гледаме како грчката армија и Фронтекс фрлаат солзавец, гранати и водени топови кон турската граница, каде што има деца, жени и мажи“.

Сепак, ЕУ се чини решена е овој пат да го спречи неконтролираното влегување на мигрантите. Шефот на Европската комисија, Урсула фон дер Лајзен во вторникот од Грција изјави: „Нашиот апсолутен приоритет е да ја заштитиме надворешната граница“.

Фронтекс, вели таа, е подготвен и ќе испрати повеќе бродови, авиони и стотици гранични службеници до грчките граници.

ДВ