Мијалков не поднел жалба оти уште не го добил решението за одземениот пасош

од desk2

Адвокатот Љупчо Шврговски, кој му е бранител на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, обвинет во случаите „Таргет“ и „Тврдина“ кои СЈО ги спои во едно обвинение, за „Мета“ изјави дека досега не ги поднеле жалбите бидејќи Мијалков сè уште не го добил решението на Кривичниот суд со кое му се одредени мерки за претпазливост, односно одземен му е пасошот и е задолжен еднаш неделно да се јавува во суд.

Шврговски, како што ни потврди, освен на Мијалков, заедно со уште неколку колеги е бранител и на другите обвинети во „Таргет“ и во „Тврдина“.

– Јас го добив решението, но господинот Мијалков и другите не го добиле, а без тоа не можеме да ги поднесеме жалбите – вели Шврговски, кој додава дека како што најави, со сигурност ќе поднесат жалби штом неговите клиенти го добијат решението, кое треба да им биде доставено од курирската служба на Кривичниот суд.

Одлуката за мерките за обезбедување присуство на обвинетите во „Таргет“ и во „Тврдина“, Кривичниот суд ја донесе минатиот викенд.

Инаку, Кривичниот суд ги одби сите барања на СЈО за одредување притвор на 18 обвинети во нивните случаи, меѓу кои се на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер, Никола Груевски, поранешниот шеф на неговиот кабинет, Мартин Протогер, поранешните министри за внатрешни работи и за транспорт и врски, Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски, на поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа-Милеска, поранешниот вицепремиер, Владимир Пешевски, актуелниот градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски, и на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков.

Наместо бараната мерка, судот ним им одреди мерки за претпазливост, односно им ги одзеде пасошите и ги задолжи еднаш неделно да се јавуваат во суд./Meta

Слични содржини