Министерство за култура: Вработените добиваат зголемени плати за 10%

од Nikola Popovski

Министерството за култура информира дека е почнат процесот на исплата на платите во културата со покачување од 10 проценти, постапувајќи по Општиот колективен договор во јавниот сектор и Заклучокот на Владата од 26.9.2023 година со кој се задолжуваат државните органи да ја зголемат основната бруто-плата за 10 %.

Владата обезбеди Oпшт колективен договор со кој сите добиваат повисоки плати за 10 %, и праведно е и во ресорот култура вработените да ги добијат еднакво правата кои се овозможуваат со Општиот колективен договор, што Министерството за култура го спроведува.

По преговорите со синдикатите, СКРМ и СОНК, за наоѓање најсоодветно правно решение за почитување на Заклучокот и за спроведување на Општиот колективен договор, платите почнаа да се исплатуваат по претходно добиените акти и пресметки од страна на директорите на установите.

Министерството ги уверува синдикатите и вработените во културата дека не постои причина за недоверба за, како што велат тие, „злоупотреба на Заклучокот на Влада за доследна примена на Општиот колективен договор, пробувајќи преку наводно постапување по истиот да ја ограничи основната бруто плата на вработените во културата и да не дозволи раст предвиден со Колективните договори“.

-Синдикатите кои ги претставуваат вработените во областа на културата не го прифатија Предлогот кон Анексот на колективен договор за култура за регулирање на начинот на исплата на плата. Во целиот процес беа одржани неколку состаноци, вклучувајќи го и последниот на кој присуствуваа и претставници од Министерството за финансии и од Државниот инспекторат за труд, при што синдикатите беа известени дека поединечните решенија се единствениот законски начин за исплата на плата. Потенцираме дека воопшто не се работи за носење едностран акт за права од работен однос туку исклучиво за постапување во согласност со закон и носење решение за плата како поединечен акт од индивидуално правен карактер на работникот.

Временското ограничување до февруари 2024 година е поради фактот што во март 2024 година ќе има ново усогласување на постојната минимална плата и ќе се применува колективниот договор што е поповолен за вработените во јавниот сектор, при што по овој период вработените лица ќе добијат нови решенија за исплата на плата.

Нема никаква заднина во спроведувањето на Заклучокот на Владата за покачување на основната плата во јавниот сектор за 10 проценти што важи за целата држава. Имено, начинот на утврдување на основната бруто-плата е дефиниран во Колективниот договор за култура, а со поединечните решенија за плата само се констатира износот, се разбира зголемен за 10 % во согласност со член 14 од Општиот колективен договор.

Исто така, како што укажавме во повеќе наврати, Министерството за култура останува доследно и транспарентно во целиот процес со целосно почитување и применување на законската регулатива која се однесува на работните односи. Демократскиот дијалог со синдикатите продолжува и Министерството за култура останува отворено за натамошна соработка и надминување на сите отворени прашања, велат од министерството предводено од Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Слични содржини