Младен Трендевски -Трендо цртач на графити

од desk4
688 прегледи

   Дваесет и петгодишниот кумановец Младен Трендевски – Трендо се грижи градските ѕидови да не бидат „сиви“  и монотони, затоа  ги исцртува со графити кои го разубавуваат и му даваат живост на градот.


Колку време се занимавате со цртање графити?

Првпат исцртав графит пред 10 години во Куманово и до денес не сум престанал. Целта ми е да го направам градот галерија на убави графити, што ќе привлечат внимание не само на жителите, туку и на гостите кои доаѓаат од страна.

Од каде интересот за цртањето графити?

Се започна од мојата фасцинација од убавиот ракопис што ме привлекуваше многу, тој специфичен стил на изразување на поединецот. Графитите исто така се убави букви, нивниот колорит и геометриските линии за мене се уметност  под отворено небо.

Каде цртате, која ви е главната цел?

Преку графитите настојувам да креирам град-галерија. Целта ми е исцртаните површини, градските ѕидови да ги види секој човек. Денес повеќе сум фокусиран буквите да ги вклопам со други предмети, кои заеднички ќе креираат уметничко дело на улица.

Кои се вашите дела во Куманово и Македонија?

Во  Куманово имам бројни графити и мора да потенцирам дека тука ми е најубаво кога цртам. Цртам и по градовите низ Македонија и надвор од неа во некои поголеми градови од Балканот, Загреб, Белград…

Имате ли поддршка од локалните власти за вашите идеи?

Повеќе години наоѓав решение со локалните власти низ Куманово да дозволат легални ѕидови каде што можат да се исцртуваат графити. Последните две години можам да речам дека добро ни оди, има неколку места каде што можеме да се изразуваме. Претходната 2017 година заедно со основното „Крсте Петков Мисирков“ и локалните власти организиравме фестивал од овој тип, каде учествуваа цртачи од различни градови. Тој фестивал е  нов почеток за тоа што ќе следи и оваа и наредните години.

Каква е состојбата во регионот и во странство? Каква поддршка цртачите на графити добиваат таму?

Може да потенцирам дека ние во однос на странските имаме побогат стил на букви. Проблемот во тоа е што луѓето кои цртаат во странство и кои се дел од таа сцена повеќе учествуваат и повеќе добиваат поддршка од градските власти за легални ѕидови и за фестивали кои се случуаат многу често во една година. Денес дел од нив и се спонзорирани од големите произведувачи на бои, со што цртачите егзистираат исклучиво од цртање графити.

Кои се вашите предлози на надминување на одредени бариери кои се уште преовладуваат во јавноста во однос на цртањето графити?

За да се надминат бариерите кои за жал, се уште постојат,  потребно е локалните власти да помогнат во реализирање на отворени настани од тој тип изложби, фестивали, каде што граѓаните ќе бидат повеќе информирани за оваа уметност.

Од каде црпите идеи и кои според вас се најубавите графити во Македонија?

Идејата доаѓа спонтано, од  секојдневно вклучување во  уметност, цртање и следење на исцртани графити. Некогаш некои графити се цртаат со претходно зададена тема. Не можам да издвојам кој графит е најдобар, сите имаат свои специфичности и убавина.

Кое е вашето најдраго дело?

Едно од моите најдраги дела и го направив  во последниот период се наоѓа во ГТЦ- Скопје. Тоа е дел од галеријата која беше отворена пред неполн месец на тема „Градот убав”. Само ми е чудно тоа зошто тоа дело не се наоѓа во мојот град. Место што ги крие најубавите графити според мене и каде што може секој да ги види е кејот на реката Вардар. Се уште има простор да се создаваат нови дела.

Вие студирате на градежен факултет. Има ли допирна точка она што го студирате и она што ви е хоби?

Искрено на градежниот факултет денес нема многу цртање како пред неколку години. Кога бев ученик во средно градежно повеќе цртавме по предметот нацртна геометрија и техничко цртање каде што имаше и исцртување букви. Може единствената поврзаност е во тоа што денеска користам некои техники, линии од инженерското цртање на моите графити.

Кои се вашите планови за иднина, што ќе цртате и каде?

Немам некои посебни планови за во иднина. Сакам да го видам Куманово за неколку години исцртано со различни стилови на графити, а јас да продолжам да го работам тоа што сега го работам и надвор од границите на државата и градот за да го презентирам мојот стил.

Александра Максимовска   МИА