Македонскиот ракомет ќе добие нов претседател. Живко Мукаетов ja напушта позицијата на прв човек во федерацијата откако му истече третиот мандат и не се кандидира за нов и по дванаесет години ќе го отстапи местото на друг кандидат.
Мукаетов јавно им се заблагодари на сите соработници, на канцеларијата на федерацијата, генералниот секретар Филип Милошевски, претходно Агенцијата, а сега Министерството за спорт и селекторот Кирил Лазаров.
„Го реализиравме планираното и се справивме со многу предивици. Од вкупно 14 учества на големи натпреварувања, со машките селекции минавме шест Европски и шест Светски првенства. Деветтото место во Катар е најголемиот успех во нашата ера. Потоа го минавме горливиот процес на смена на генерацијата. Издржавме и примивме многу „удари“, но сега имаме перспективна генерација. Петнаесеттото место на Светското првенство годинава е првиот чекор кон иднината. Јавноста тоа го препозна и им даде поддршка на селекцијата составена само од ракометари од домашната Суперлигата. Иако иднината изгледа светла, мора посветенот да се работи. Мораме многу да работиме и на полето на жеснкиот ракомет. Имаме добри моменти, но голем е просторот за напредок. Донесовме новини и олеснувања и за клубовите. Ги намаливме, а потоа и целосно ја укинавме котизацијата на клубовите. Формиравме едукативен центар за тренери и им овозможивме на нашите тренери да се едуцираат тука во Македонија и лиценците да им се признати и во странство. Лично посакувам федерацијата да ја преземе личност со идеја и визија. Оставаме функционален систем, без доглови и со голема перспектива. Верувам дека новите структури ќе продолжат по нашиот пат“, рече Мукаетов.
По дванаесет години работа, Мукаетов донесе одлука да се повлече од претседателското место и да го отстапи на некој друг. Федерацијата под водство на Мукаетов финансиски се стабилизира, нема долгови, а ракометниот тим оствари континуитет на големата сцена, нема пропуштено светски или европски настан од 2012 година.