Мутацијата која ги ублажува знаците на стареење откриена е кај Амишите, а им го продолжува животот за десетина години, покажа ново американско истражување.

Се заклучило дека овие лица со една нефункционална копија на генот SERPINE1 живеат просечно десет години подолго од останатите членови на амишките заедници.
Научниците ја спровеле студијата меѓу Амишите кои живеат во Индијана и ги избегнуваат замките на модерното општество, меѓу кои и електричната енергија, автомобилите и лековите.
Познато е дека Амишите се здрави и за многумина тоа е повеќе од мистерија. Алергии кај децата речиси да нема. Во повеќегодишното испитување на амишките деца научниците нашле само три случаи на аутизам. Во нивните села многу ретко има болести на современата цивилизација, како срцеви заболувања, рак или дијабетес.
„Општо гледано, Амишите не ги користат предностите на модерната медицина, па фактот дека живеат просечно околу 85 години е многу интересен“, вели кардиологот д-р Даглас Воган, кој резултатите од истражувањето ги објави во магазинот Science Advances.
Меѓу 177 тестирани Амиши, кај 43 е пронајдена спомнатата мутација.
Најглолем биолошки предизвик
Стареењето за научниците е еден од најголемите биолошки предизвици па откритието на оваа мутација која има толку силно влијание на човековиот животен век е многу интересно и необично.
„Голем предизвик е да се откријат генетски предиспозиции за продолжување на животниот век“, вели Воган.
Стареењето го следат низа негативни симптоми, а оваа мутација решава многу од нив: од заштита од развој на дијабетес до одржување на крвните садови еластични.
„Откривме нешто што се чини дека влијае на ниво на молекули, хормони, еластичност на ткивата и на крај го продолжува животот на Амишите“, заклучува Воган.
Подолги теломери
Мутацијата резултира со подолги теломери, ситни делчиња на ДНК кои влијаат на долговечноста и здравјето. Изгледаат како заштитни капи на крајот на хромозомите и одредуваат колку брзо клетките ќе остарат, во која мерка сме склони на мозочни удари или развој на рак, кардиоваскуларни болести, гојазност, васкуларна деменција, дијабетес и остеопороза.
Колку се пократки теломерите толку ни е пократок животот.
Живеењето на Амишите во затворени заедници им овозможува зачувување на мутацијата на SERPINE 1, вели д-р Воган и додава дека откритието е одлична платформа за идната работа на нејзино проучување.
„Проучувањето на вакви едноставни заедници може да ни даде повеќе информации за должината на животот од големите научни студии“, додава Воган.