МВР: Имаме доволно обрасци за возачки и лични карти

од Aleksandar Todeski
347 прегледи

Министерството за внатрешни работи има доволно обрасци за лични карти и возачки додека да стигнат новите, велат од таму за „Локално“.

„Ве известуваме дека има доволно обрасци за лични карти и возачки дозволи и треба уште да пристигнат. Нема причина овие документи да се издаваат во итни случаи, за нив процедурата е редовна“, велат од таму.

Иако побаравме информација за тоа уште колку обрасци за лични карти и возачки дозволи има во залиха министерството, одговор на тоа прашање не добивме.

Кризата со личните документи почна од средината на јануари, а за која известија и владата и Министерството за внатрешни работи. Наспроти ова твдење на МВР дека има документи, извори на „Локално“ тврдат дека има многу мал број на лични карти и возачки, а речиси и да нема ниту сообраќајни дозволи.

Информацијата дека снемува обрасци за личните документи во интервју ја потврди и самиот технички министер Наќе Чулев, за потоа преку кабинетот за односи со јавност да излезе со информацијата дека сепак има лични карти и возачки.

„Три дена по моето доаѓање во Министерството за внатрешни работи бев информиран дека во оваа институција има сериозен проблем со недостаток на обрасци за лични документи. Да бидам искрен, оваа информација ме изненади затоа што со тоа беше доведена во прашање една од клучните функции на Министерството за внатрешни работи, а беше загрозено и одржувањето на претстојните парламентарни избори. Фактите што ги презентиравме во јавноста покажуваат дека Министерството за внатрешни работи не само што лошо ги планирало залихите на обрасци за патни исправи и останати лични документи, туку и подолго време не успеало да најде долгорочно решение за набавка на обрасци за патни исправи, како што барала Владата, односно постојано се наоѓале ад-хок решенија кои произлегувале од крајно дискутабилни и сомнителни тендерски постапки“, вели Чулев во интервју за порталот Мкд.мк.

Премиерот Оливер Спасовски пак, му сугерираше на Чулев подобро да си ја врши работата и да најде решение за хаосот со патните исправи и личните документи.

А.Т.

Слични содржини