На пензионерите им „зовре“ – доста им е од истите раководства на здруженијата кои не се менуваат со децении и недомаќински ги трошат нивните пари

од Vladimir Zorba

Пензионерите пресекоа – на 5 Мај излегуваат на протест.

Првата адреса на која ќе го изразат своето долгогодишно акумулирано незадоволство ќе биде раководството на Здружението на пензионери- Бутел.

Реакциите еруптираа откако по четврти пат и по 12 години мандат повторно беше избран истиот претседател. Според иницијативниот одбор на Движењето на пензионерите „ТУКА СМЕ“, овие избори, како и досегашните, биле незаконски и нестатутарни.

„Во Здружението има „избори“ само тогаш кога некој од членовите на органите ќе почине, а се „избрани“ само оние кои ги задоволувават неговите критериуми, а тие се; – „докажаните и проверените“ членови, за да „никој од страна нè ни влезе“. Тоа се негови зборови и негово однесување“, велат за „Локално“ од движењето на пензионери „Тука сме“.

Нема да запрат на локално ниво.

Следниот протест ќе биде пред Сојузот на здружение на пензионери чие раководство според нив не само што нема слух за нивните забелешкки, туку во речиси сите случаи е главниот „промотер“, на досегашниот незаконски и коруптивен принцип на работење во рамки на здруженијата на пензионери.

„Додека ние протестираме, некој си ја тера својата агенда. Така, на 29. март се одржаа избори во Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија (СЗПМ) и беа избрани истите лица на раководни места во Сојузот. Тоа значи скоро иста слика и на централно ниво. Ова преставува кулминација на ароганција и манифестирање на однесување според она „никој ништо не ни може“, реагира иницијативниот одбор на Движењето на пензионерите „Тука сме“.

Со оглед на фактот дека, како велат, Движењето има се поголем број приврзаници, симпатизери и подржувачи, очекувааат масовно учество на пензионерите. Причина за верба во одлучноста на нивните сограѓани на овој начин да го изразат своето задоволство е и фактот дека на претходниот протест учествувале околу 300 пензионери.

За разлика од индеферентноста на нивното раководство, слух за проблемите со коишто се соочуваат покажале официјалните институции до кои испратиле писма со барање за средба.

„Задоволни сме од поддршката на министерката Јиванка Тренчевска, како и Народниот правобранител Насер Зибери. Очекуваме поддршка и од министерот за правда Кренар Лога кој најави дека ќе прими една работна група на наши членови. Клучна ќе биде поддршката од Министерството за правда кое според членот 58 од Законот за здруженија и фондации кое врши надзор на законитоста на примената на одредбите од овој закон“, велат од Движењето на пензионери „Тука сме“.

Веќе реализирале средба со министерката за труд и социјална политика на која добиле целосна подршка за нивните настојувања во насока на промени на состојбите во Здружението на пензионери, но и за останатите проблеми коишто се во многу поопшт контекст. Од нивна страна било побарано унапредување на пензискиот систем, подобрена адекватност на пензиите, подобрување на здравствената заштита на пензионерите и намалувањето на пензионерската сиромаштија.

Како следна институционална станица го посочуваат Министерството за правда.

Во писмото до оваа институција велат дека ги навеле сите забелешки за начинот на работење на дел од раководствата на здруженијата на пензионери , а едно од посериозните нивни обвинувања се однесува на непродуктивното трошење и злоупотребите на пензионерските пари од членарината.

„Локално“, кој и претходно во неколку наврати пишуваше за проблемите на коишто посочуваат дел од членовите на пензионерските здруженија и овој пат побара став од Сојузот на пензионери на Македонија, со барање доставено на нивната официјална е-маил адреса.

До објавување на текстот не добивме одговор.

К.В.С.

Слични содржини