Британскиот премиер Кир Стармер одржа прес-конференција по самитот за безбедност во Лондон на која изјави дека европските лидери во Лондон преговарале за заедничко решение за мирот и безбедноста во Украина и Европа како целина. Премиерот на Британија нагласи дека неговата земја, Франција и другите земји учеснички постигнале договор да и помогнат на Украина во изнаоѓање на решение со кое ќе се запре огнот, додавајќи дека планот ќе се реализира по разговори со САД.
Стармер потврди дека британската влада ќе и дозволи на Украина да искористи 1,6 милијарди фунти од Фондот за финансии за извоз за да купи повеќе од пет илјади противвоздушни ракети кои ќе се произведуваат во Белфаст, а со тоа тој истакна дека ќе се отворат нови работни места во британската одбранбена индустрија.
За Британскиот премиер ваквите чекори имаат една клучна цел а таа е Украина да се стави во што посилна позиција која нема да ја стави во подредена положба.
„Нашата почетна точка мора да биде да и обезбедиме на Украина најсилна можна позиција сега“, нагласи британскиот премиер.
Стармер истакна дека секој нов договор за поддршка на Украина мора да се заснова на дипломатија и дека секоја земја мора да придонесе на најдобар можен начин – со преземање одговорност и зголемување на своето учество.
Британскиот премиер изјави дека лидерите на самитот се договориле за четири клучни чекори:
1. Продолжување на воената помош за Украина додека трае војната и зголемување на економскиот притисок врз Русија
2. Доколку се постигне траен мир тој мора да го обезбеди суверенитетот и безбедноста на Украина, а Украина мора да биде на преговарачка маса во какви било мировни преговори
3. Во случај на мировен договор, европските лидери ќе работат на одвраќање на Русија од каква било идна инвазија на Украина.
4. Создавање на „коалиција на волни“, која ќе биде подготвена да ја брани Украина и да гарантира мир во земјата.
Стармер нагласи дека договорот мора да има поддршка од САД и Трамп кои ќе бидат клучен фактор во склучување на траен мир и прекин на огнот во Украина. Стармер, исто така потврди дека лидерите на денешниот самит се согласиле наскоро повторно да се сретнат за „да го одржат моментумот на овие акции“ и да продолжат да работат на заеднички план.