На сите Британци родени по 2008 година ќе им биде доживотно забрането купувањето цигари

На децата и младите во Обединетото Кралство кои денес имаат 17 години или помалку ќе им биде трајно забрането да купуваат цигари, откако Законот за тутун и електронски цигари беше усвоен во британскиот парламент

од Кристијан Димков
24 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

Долниот и Горниот дом се усогласија околу конечниот текст на законот, чија цел е создавање „генерација без чад“, така што на сите родени по 1 јануари 2009 година ќе им се забрани продажба на тутунски производи. Откако законот ќе добие кралска согласност, министрите ќе добијат нови овластувања за регулирање на тутунот, електронските цигари и никотинските производи, вклучително и нивните вкусови и пакувања.

Станува збор за дел од поширок пакет мерки насочени кон намалување на здравствените последици од пушењето, кое е една од водечките причини за смрт, инвалидитет и нарушено здравје кои можат да бидат спречени во Обединетото Кралство.

Користењето електронски цигари ќе биде забрането во автомобили во кои има деца, на игралишта, како и пред училишта и болници, со што дополнително се прошируваат постојните закони за простори без чад. Истовремено, користењето е-цигари и понатаму ќе биде дозволено пред болниците, со цел да им се помогне на луѓето кои се обидуваат да престанат со пушење.

Во плановите не се вклучени угостителски простори на отворено, како што се дворовите на пабови, ниту пак пошироки отворени површини како плажи и приватни надворешни простори. Луѓето и понатаму ќе можат да пушат и да користат е-цигари во своите домови.

Британскиот министер за здравство и социјална грижа Вес Стритинг изјави дека станува збор за историски момент за здравјето на нацијата. „Превенцијата е подобра од лекувањето, оваа реформа ќе спаси животи, ќе го намали притисокот врз Националниот здравствен систем и ќе изгради поздрава Британија“, рече тој.

Пушењето предизвикува 400.000 болнички приеми и 64.000 смртни случаи годишно само во Англија, а Националниот здравствен систем троши околу три милијарди фунти за лекување болести поврзани со тутунот, како што се рак и срцеви заболувања. Се проценува дека вкупните трошоци за општеството во Англија изнесуваат меѓу 21,3 и 27,6 милијарди фунти годишно, најмногу поради загуба на продуктивност.

Законот, првпат предложен во 2024 година, е еден од ретките обиди за генерациска забрана на пушењето кои добиле конкретна поддршка во светот. Минатата година на Малдивите стапи во сила закон што го забранува тутунот за сите родени во 2007 година или подоцна.

Нов Зеланд во 2022 година го донесе првиот ваков генерациски закон за забрана на пушење во светот. Законот беше пофален од експертите за јавно здравје, додека трговците и тутунската индустрија го критикуваа, а веќе следната година новата влада го укина.

Судбината на новозеландскиот закон, за кој некои негови поддржувачи тврдат дека е укинат под влијание на тутунската индустрија, може да најави слични предизвици за британските напори за намалување на пушењето. Британскиот Завод за национална статистика објави во 2024 година дека 5,3 милиони лица постари од 18 години пушеле, што претставува повеќе од 10 проценти од возрасното население во Обединетото Кралство.