На судењето на Асанж сведочеше најпознатиот свиркач Елзберг: Американците мораа да дознаат што се прави во нивно име!

од Aleksandar Petrovski

Еден од најпознатите свиркачи во историјата, Даниел Елзберг, сведочеше во корист на Џулијан Асанж пред судот во Лондон, кој одлучува по барањето на САД за екстрадиција на основачот на Викиликс.

89-годишниот Елзберг, за кого многумина сметаат дека е заслужен за завршувањето на војната во Виетнам затоа што во 1971 година ги објави таканаречените „документи на Пентагон“, преку видео врска рече дека по неколку состаноци со Асанж, заклучил дека ги делат истите аспирации, за да се расветли „големиот недостаток на транспарентност“, кај носителите на одлуки во САД, особено кога станува збор за воени прашања.

Тој рече дека испраќањата за војните во Авганистан и Ирак, објавени од Викиликс, покажуваат дека тортурата станала „нормализирана“.

„Американската јавност итно мораше да открие што се прави рутински во нивно име и немаше друг начин да се разбере тоа освен со неовластено објавување на податоците во јавноста“, изјави Елзберг.

Обвинителството на САД го обвини 49-годишниот Асанж за 17 обвиненија за шпионажа и компјутерска злоупотреба во врска со објавувањето тајни американски воени документи од Викиликс пред 10 години, најмногу за војните во Авганистан и Ирак.

Максималната казна што може да ја добие Асанж е 175 години затвор.

Слично на Асанж, на Елзберг му се судеше по 12 точки за шпионажа, откако на медиумите им даде 7.000 страници доверливи документи на американската армија.
Му се закануваше казна затвор до 115 години, но обвиненијата беа отфрлени во 1973 година поради незаконското постапување кон кое беше подложен.

Елзберг, кој работеше и во Стејт департментот и во Пентагон, рече дека Асанж нема да може да ги оправда своите потези доколку биде испорачан во САД.

Тој додаде дека Асанж „не може да добие фер судење во САД за она за што е обвинет дека го сторил“.

Слични содржини