Наместо раката на Трамп, ја бакна вратата – опозицијата остро го нападна Вучиќ за расипништво

од Марта Пешевска
797 прегледи

Српскиот претседател Александар Вучиќ во саботата бил примен на Военомедицинската академија (ВМА) во Белград, откако ја прекинал посетата на САД поради нагло влошување на здравствената состојба, јавуваат белградските медиуми. Според информации на агенцијата „Танјуг“, Вучиќ се почувствувал лошо во петокот во Мајами, Флорида, додека се подготвувал за политички средби.

Во тој момент со него биле неговата советничка за медиуми Сузана Васиљевиќ и министерот за финансии Синиша Мали. Иако според најавите требаше да се сретне со високи претставници на Републиканската партија и со американскиот претседател Доналд Трамп, Вучиќ на крајот остварил средби само со поранешниот градоначалник на Њујорк, Руди Џулијани, конгресменката Клаудија Тени, и поранешниот гувернер на Илиноис, Род Благојевиќ.

Претседателскиот кабинет информираше дека јавноста ќе биде известена за здравствената состојба на Вучиќ во наредните денови.

Во меѓувреме, Вучиќ на својот „Инстаграм“ профил најави дека на 9 мај ќе отпатува за Москва, каде што ќе присуствува на парадата по повод Денот на победата и ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин. Теми на разговор ќе бидат новиот гасен аранжман за Србија и статусот на Нафтената индустрија на Србија (НИС), чија иднина е под европски критики поради руското мнозинско сопствеништво.

Опозицијата обвинува за „пропадната мисија“

По неговото ненадејно враќање во Србија, дел од опозициските партии жестоко го нападнаа Вучиќ, оценувајќи дека причината за прекинатата посета не е здравствена, туку дипломатски неуспех.

„Чекаше да му ја бакне раката на Трамп, а на крајот ја бакна вратата“, изјави Здравко Понош, лидер на партијата „Српски центар“.

Заменик-претседателот на Партијата на слободата и правдата, Борко Стефановиќ, оцени дека целата посета на Мајами била „целосно фијаско“, и дека стотици илјади евра биле потрошени за патувањето со новиот авион „Фалкон“, купен за над 50 милиони евра јавни средства. Тој исто така обвини дека работата на четири ангажирани лобистички компании во САД не донела никаков резултат.

„Вучиќ ‘ненадејно се разболе’ и мораше да се врати со 10-часовен лет до Србија, што беше најлесен начин да се прикрие неуспехот и бесцелното трошење народни пари,“ изјави Стефановиќ за порталот „Нова.рс“.

Властa со остар одговор

Претседателката на српскиот парламент и блиска сојузничка на Вучиќ, Ана Брнабиќ, остро реагираше на критиките, обвинувајќи ја опозицијата за „нечовечка радост“ поради здравствената состојба на претседателот.

„Го мразите затоа што покажа како се сака Србија и како се живее за Србија. Тој е успешен, а вие сте само дождовни црви,“ напиша Брнабиќ на социјалната мрежа X.

Слични содржини