Народна банка: Растот на економијата лани 2,7 отсто, повисок од очекуваниот

од Vladimir Zorba
101 прегледи

 

Реалниот раст на економијата лани според објавените информации на Народната банка е 2,7 отсто и е повисок од очекуваниот со октомвриските проекции од 2,3 отсто.

-Проценетите официјални податоци за БДП за четвртото тримесечје од минатата година покажуваат солиден економски раст од 3,7 отсто, на годишна основа, што е повисок од очекуваниот со октомвриските проекции. Од аспект на структурата на растот, подобрите остварувања главно се објаснуваат со повисокиот раст на личната и јавната потрошувачка во однос на очекувањата од проекциите. Согласно со очекувањата, бруто-инвестициите исто така имаат раст, нешто помал од проектираниот. Гледано за целата 2018 година, реалниот раст на економијата изнесува 2,7 отсто и е повисок од очекуваниот со октомвриските проекции од 2,3 отсто, наведуваат во соопштение од Народната банка.

За првиот квартал на оваа година, во услови на ограничен обем на расположливи податоци, тешко може да се даде попрецизна оцена за состојбата во економијата. Сепак, достапните податоци упатуваат на натамошни поволни движења во економијата, при забрзан раст на активноста во индустријата и натамошен раст на прометот во трговијата.

Во првите два месеца од годината просечната годишна стапка на раст на потрошувачките цени изнесува 1,1 отсто и е пониско остварување во однос на октомвриската проекција. Оцените за движењето на поголемиот дел од увозните цени во наредниот период се променети во надолна насока. Во вакви услови, наведуваат од Народната банка, ризиците околу проектираната стапка на инфлација за 2019 година од два отсто тековно се оценуваат како надолни.

Расположливите податоци од надворешно-трговската статистика за јануари упатуваат на трговски дефицит што главно е во согласност со очекувањата за првиот квартал од годината.

Девизните резерви на крајот на февруари се нешто пониски во однос на крајот на минатата година, при што нивното ниво и натаму е високо и се одржува во сигурната зона.

Во однос на монетарните движења, првичните монетарни податоци за февруари годинава покажуваат месечен раст и кај депозитите и кај кредитите, со поволни поместувања од аспект на валутната и секторската структура

Ликвидноста на домашните банки и натаму се зголемува, при што активноста на меѓубанкарскиот пазар на депозити е релативно мала.

На седницата е заклучено дека согласно со постојните економски и финансиски услови, согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика се нешто поповолни од претходно, што укажува на тоа дека постои простор за натамошно намалување на основната каматна стапка. Растот на економијата во последниот квартал, како и за целата 2018 година е подобар од очекуваниот, во отсуство на притисоци врз цените од домашната побарувачка, што се согледува преку натамошната ниска и стабилна стапка на инфлација.