НАСИЛСТВО ВО УЧИЛИШТАТА: Омаловажувања и нетолеранција меѓу учениците како одраз на пореметување на системот на вредности во општеството

од Mimi Spasovska

Омалуважуавњата, потсмевнувањата и навредувањата меѓу учениците во основните и средните училишта во Македонија е се поприсутна тема во медиумите во континуитет со години наназад. Сепак, јавноста не остана непотресена по последниот случај од основно училиште во Градско, каде што ученик од деветто одделение две години трпело физички напади и омловажувања од своите соученици сè додека еден ден дома не си дошол со гребаници по телото и искинат долен веш.

Порано проблематичното однесување се сметаше за срам, но денес на тој начин како да се покажува престиж, не само меѓу тинејџерите туку и меѓу основците, сметаат просветни работници кои предупредуваат дека алармот за општеството е одамна вклучен.

Инцидентот во основното училиште во Градско отвора многу прашања, велат соговорниците на „Локално“.

Професорката Јулија Петроска од основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“ во Аеродром вели дека во својата работа често се соочува со  вербални навреди меѓу учениците, укажуавајќи дека и наставнициите немаат начин како одредени ученици да ги дисциплинираат.

Јулија Петроска

Јулија Петроска

„Многу е тешка состојбата и не можеме ништо да направиме. Правилникот што го имаме за педгошки мерки е благ за такви ситуации, речиси и да нема казни. Не треба да ги казнуваме учениците, но треба да ги превоспитуваме. Во правилникот е предвидено по три усни опомени, а потоа ако нема промени во однесувањето, се предвидува ученикот најпосле да се прераспредели во друго одделение. Но тоа не е решение, зашто проблемот  само ќе се пренесе во следната училница. Службите како педагог, психолог, дефектолог или не реагираат навремено за проблемот за кој и тие се надлежни или и самите се преоптоварвени со други администртивни арботи“,, вели професорката Петроска за „Локално“.

Наставниците, исто така, наведуваат дека невоспитаните деца со испадите кои ги прават се главни во друштвото, а оти поради нив најмногу трпат децата кои се примерни.

Петроска вели дека во училиштата е застапено и психичкото насилство. Таа укажува дека се спушта и возрасната граница на насилно однесување, додавајќи дека е важно и родителите и институциите правовремено да реагираат кога ќе забележат девијантно однесување.

„Зачудува тоа што меѓусебните потсмевнувања и омаловажувања се случуваат веќе и меѓу ученици од третото или второ одделение па нагоре.  Прашање е дали тоа однесување го гледаат на социјалните мрежи, на ТикТок, дали е научено однесување од дома или влијание од пошироката средина… но како и да е, отсуствува и толеранција, веднаш си возвраќаат на секој кажан збор. Изрази од типот „Ти не си богата“, „јас сум шетана“, „тој е сељак од предградие“, „ти си посвоена“ стануваат дел од вокабуларот што ученците го користатат во меѓусебната комуникација. Кога на училиште имаме текст во кој се обработува тема дека не е добро да се навредуваат учениците, теоретски тие добро го знаат тоа, но однесувањето е многу поинакво. За било каква забелешка што ќе им ја каже некој соученик веднаш реагираат и возвраќаат, за најмала ситница реагираат. Децата како да толку многу не се слушнати, што пискаат“, ни кажа професорката Петроска.

Професорот Александар Канурков од училиштето „Васил Антевски Дрен“ пак дополнува дека училиштата како образовно-воспитни институции, треба да бидат места каде ќе има едукација и превенцијата на менталното здравје и дека тука голема улога имаат наставниците.

Според него, во случаите на насилство кај децата првенствено потфрлило семејството, а причина за пробламатичното однесување и воспитување има опкружувањето на децата. Тој нагласива дека последните случувања зборуваат дека и училиштата се занимаваат и со други нешта, но не и со воспитание и едукација.

Александар Канурков

Александар Канурков

„Ако знаете да им пријдете на децата тие ќе ви се отворат и ќе ви кажат за одреден проблем што ги мачи, ако имате постуден однос со нив нема да ви кажат ништо од срам или потиштеност. Знаењето се учи низ образовните институции од градинка, школо -основно и средно, факултет,  неписмени нема да останат, ама во овој дел во општеството каде децата се запоставени од родителите во трката по пари и слично, тука е главниот сегмент, да се изградат како здрава личност. Ако има дете во класот кое е повлечено кое го исмејуваат, тоа се забележува. Зашто потсмевањата почнуваат во класот а потоа се пренесуваат и надвор од училница. И тука е улогата на наставникот – да забележи и да разговара со учениците. Не е класен раководител само за да дојде на час, да евидентира дека ученикот не дошол на училиште и да го викне родителот“, вели професорот Канурков.

Сепак тој немал драстично искуство со физичко насилство какво што имале неговите колеги од Градско каде ученикот бил малтретиран две години, меѓутоа причините за пораст на омаловажувањата и нетолеранцијата меѓу учениците ги гледа во пореметување на системот на вредности  во општеството.

„Тука улога имаат првенствено родителите. Тие треба да рaзговараат со децата да ги изградат како личности дека треба да ги почитуваат своите другарчиња од училиште независно дали тие имаат пари или не. Но има родители кои велат ние не се дружиме со било кој, ние сме елита и се дружиме со елита. Тоа е проблем, зашто таквите ставови што децата ги слушаат дома потоа се шират меѓу нив како вирус“, вели тој

Младите во голема мера се оставени на сами себе и на она што им го нуди интернетот 

Психолозите меѓутоа изразуваат загриженост и во врска со способноста и заинтересираноста на државата да го постави прашањето околу сериозноста на концептот на образование и нa воспитување на децата во време кога насилството меѓу врсниците ја потресува јавноста.

Стручњак по психологија со кој разговараше „Локално“ смета дека кај децата има научено однесување од социјалните мрежи и оти постои проблем како кај младите да не се одразува стравот на повозрасните од актуелните случувања со пандемијата и економската криза кои животот го направија неизвесен.

„Младите се прилично оставени сами на себе без надзор од родителите. Сите вредносни системи се распаднати и не ги ни имаат. Целото општество претходно поради пандемијата и социјалната изолираност, а сега со финансиската и енергетската криза е во збунувачка состојба на  неизвесност и страв. Во таква ситуација малку обрнуваме внимание на нивното воспитување и на тоа да им бидеме пример како да се однесуваат. Многу се оставени на себе и на она што интернетот им го нуди како ги програмира  Младите немаат контрола воопшто на она што го добиваат од интернет. Понатаму и она што ние го доживуваме како стравови и загриженост од економската и енергетската криза и претходно со социјалната изолираност поради пандемијата, сето тоа се пренесува врз нив. Има и недостаток на контрола и од родители и од училиште многу работи влијаат, и тоа мора да се одрази“, вели за „Локално“ стручно лице по психоаналитика.

Како и да е, деновиве институциите и властите ги загрижија информациите објавени во медиумите од кои се дозна дека ученици го малтретиарле  својот соученик две години а останатите деца тоа како немо да го набљудувале.

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска вчера соопшти дека се испитува случајот со булингот врз ученик.

– Секоја злоупотреба или насилство врз децата треба да се пријавува во центрите за социјална работа, во случајот во Центарот за социјална работа во Велес. Се преземаат мерки од страна на стручните работници, ќе се испита случајот и по доставувањето на известувањето од Центарот за социјална работа, ќе бидат преземени соодветни мерки, рече Тренчевска на денешната прес-конференција во Владата.

ООУ „Даме Груев“ Градско

ООУ „Даме Груев“ Градско

Таткото на ученикот за дел од медиумите изјави дека неговото дете било жртва на булинг од страна на двајца соученици кои го малтретирале подолг временски период.

Тој прво се обратил до училиштето од каде му рекле дека ќе преземат мерки при што ја споменале и педагошката мерка на преместување на двајцата соученици, кои што го малтретирале неговото дете, во подрачното училиште во село Виничани. Потоа, по два дена, таткото бил известен дека децата кои го вознемирувале неговиот син ќе ги преместат само во соседната училница.

Од полицијата информирале дека е известен Јавниот обвинител и Центарот за социјални работи Велес, кој е надлежен за постапување за случаите поврзани со малолетници.

Градоначалникот на општина Градско, Киро Нацков вчера ја разрешил директорката на Основното училиште „Даме Груев“ во општината каде што малолетен ученик подолго време бил малтретиран од своите соученици.

М.С.М.

Слични содржини