НАТО е во расправија пред клучниот самит, сојузниците во конфликт, а Путин внимателно следи сè

од Stefanija Kuzmanovska

Годишниот самит на НАТО започнува утре во Вилнус, Литванија, кој со голем интерес ќе го следи еден надворешен набљудувач – рускиот претседател Владимир Путин. На самитот доаѓаат најважните светски лидери, како што се американскиот претседател Џозеф Бајден, францускиот претседател Емануел Макрон, британскиот премиер Риши Сунак, германскиот канцелар Олаф Шолц и многу други.

Изминатиов викенд се навршија 500 дена откако Русија започна сеопфатна инвазија на Украина. Веќе 500 дена силите на Кремљ ги окупираат украинските територии, напаѓаат цивили и киднапираат деца. На запрепастување на Владимир Путин, Европа и нејзиниот близок сојузник САД ѝ пријдоа на помош на Украина (некои побрзо од другите, меѓу кои и Берлин), трошејќи 165 милијарди долари до мај оваа година за хуманитарна, финансиска и воена помош, според податоците на угледниот Килски институт за глобалната економија.

Западот има сериозен проблем – мора внимателно да балансира

Изминатите 500 дена беа деликатни, повремено и непријатни за некои европски земји, Европската унија и веројатно најмногу за воениот сојуз НАТО, во кој главниот говорник е стариот непријател на Русија – САД, наведува Би-Би-Си во најавата за самитот на НАТО.

Главниот проблем е следниот: како да се испрати јасна порака до Москва дека Западот нема да застане настрана и да дозволи Кремљ да заземе суверена територија во Украина или на кое било друго место во Европа, а во исто време да избегне директен конфликт, т.е. тотална војна со нуклеарната сила Русија.

Зборовите на Џозеф Бајден во пресрет на самитот се многу јасни: „Мислам дека не постои консензус во НАТО за тоа дали Украина треба или не да се внесе во НАТО сега, среде војна“.

Американскиот претседател истакна дека моменталниот влез на Украина во НАТО би значел: „Ако Украина е во војна, тогаш сите сме во војна. Во војна со Русија“.

По 500 дена војна во Украина, балансирањето на НАТО станува се потешко, наведува Би-би-си во својата анализа.

Украина е јасна – сака рамноправно место во НАТО

Украина е јасна. Сака рамноправно место на масата на НАТО – со сите безбедносни гаранции кои следат со тоа – и тоа го сака сега. Или, бидејќи прифаќа дека НАТО не може да прифати нова членка додека таа земја е во војна, сака барем „јасен сигнал дека Украина ќе биде во алијансата“.

„Не дека вратата ни е отворена, тоа не е доволно, туку дека Украина ќе биде во неа“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Ако Зеленски не дојде на самитот во Литванија, сликата за западното единство со Украина – наменета како јасна порака до Москва од самитот – ќе биде катастрофална. Главниот проблем е што НАТО веќе ѝ кажа на Украина во 2008 година дека ѝ припаѓа на Алијансата, многу пред руската инвазија. Големи се очекувањата дека НАТО сега ќе му понуди на Киев нешто поважно. Но што?

Дипломати на неколку клучни земји на НАТО дадоа изјави за Би-Би-Си на оваа тема, но под услов да останат анонимни за да можат слободно да ги изразат своите забелешки. Тие велат дека членките на НАТО се обединети дека Украина припаѓа на нивното „семејство“. Но, остануваат поделени околу деталите.

Слични содржини