НАТО: КФОР го зголеми своето присуство во Јариње и Брњак, подготвен да интервенира ако треба

од Stefanija Kuzmanovska

Мисијата на НАТО на Косово (КФОР) го зголеми своето присуство на премините Јариње и Брњак и е подготвена да интервенира доколку е потребно, изјавија од Алијансата за Euronews Србија.

Како што е наведено, мандатот на мисијата КФОР предводена од НАТО, кој произлегува од Резолуцијата 1244 на СБ на ОН од 1999 година, е да обезбеди безбедна средина и слобода на движење за сите луѓе на Косово, а со цел да ги извршува своите задачи, КФОР, како изјавија, останува видливо и агилно распоредување на терен.

„Со цел да се зголеми свеста за ситуацијата, КФОР го зголеми своето присуство на премините Јариње и Брњак, а исто така ги зголеми и патролирањето во областа. Овие мерки се преземени за да му овозможат на КФОР брзо да одговори на сите безбедносни предизвици. Сакаме да ги уверува сите дека КФОР е подготвен да интервенира доколку е потребно“, се вели во соопштението.

Да потсетиме, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, вчера се сретна со српскиот претседател Александар Вучиќ и со косовскиот премиер Албин Курти. Столтенбег во оваа прилика повтори дека КФОР е подготвен да интервенира во случај да биде загрозена стабилноста на Косово.

„Мировната мисија на КФОР е таму и нејзиниот командант контактираше со безбедносните организации на Косово и со началникот на Генералштабот на војската на Србија… КФОР е подготвен да интервенира доколку е загрозена стабилноста“, рече Столтенберг на заедничката прес-конференција со Курти во Брисел.

На прашањето на албанските новинари што треба да се случи покрај барикадите за да интервенира КФОР, Столтенберг одговори дека НАТО ја има најсилната мисија надвор од територијата на НАТО со речиси 4.000 војници, нагласувајќи дека самото присуство на толку многу војници помага во деескалација и спречување насилство.

Српскиот претседател Александар Вучиќ му се заблагодари на шефот на НАТО Јенс Столтенберг што сакал да го слушне ставот на Србија и истакна дека Белград секогаш е за избегнување какви било конфликти на Косово и дека е неопходно да се зачува мирот.

Слични содржини